Сомнеж за криминал го однесе екс-градоначалникот на Охрид на распит во суд

21.11.2014 23:59

Со кривична пријава се опфатени 16 –мина. Ќе одговараат за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба, перење пари, фалсификување деловни книги, оштетување на доверители, примање поткуп и помагање...

Екс градоначалникот на Охрид и 13-мина други се товарат за местење тендери и други кривични дела поврзани со јавните набавки во Општина Охрид. Се сомничат дека во периодот од 2007 до 2013 година направиле криминал тежок околу 2 и пол милиони евра.

„Биле потпомогнати од седумина вработени во општина Охрид во својство на одговорни лица коишто вршеле надзор на извршени работи од спроведени постапки за јавни набавки распишани од страна на општината на начин што со свој потпис потврдиле дека се извршени непостоечки градежни и други услуги“, рече Иво Котевски, помошник министер за односи со јавноста во МВР.

Со кривична пријава се опфатени  16 –мина. Ќе одговараат за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба, перење пари, фалсификување деловни книги, оштетување на доверители, примање поткуп и помагање.

Првоосомничениот Петрески се товари за сите овие дела освен за помагање. Еден од осомничените е надвор од државата, а за уште едно лице се преземаат мерки за негово пронаоѓање.

Веста која одекна како бомба во Охрид, локалниот огранок на СДСМ, чиј член е Петрески, го оценуваат за монтажа.

„Во овој случај на приведувањето на поранешниот градоначалник на Охрид претставува политичка хајка и пресметка со неистомислениците на власта“, рече Томислав Тунтев, претседател на СДСМ-Охрид.

Петрески зад себе има два градоначалнички мандата. Наследи долг од 15 милиони евра. Кога замина од функцијата по поразот на ланските избори, од наследникот беше обвинет дека оставил долг од над 50 милиони евра.

Наташа Гркова- Петрушевска