Државниот испит не е ист со екстерното тестирање
Концептот не е финален и ќе се моделира со широка јавна дебата во која се вклучени и студентите и професорите. Првичната идеја е студентите да полагаат на претходно познати прашања и тоа два пати за време на студискиот циклус – на крајот на втора и уште еднаш во четврта година...

Државниот испит не е ист со екстерното тестирање. Новата реформа во образованието треба да го подобри високото образование на начин што ќе го стави на тест знањето на студентите, а не на нивните професори, велат владини извори. На овој начин треба да се искорени појавата академски граѓани да добијат универзитетска диплома, а да немаат елементарни познавања и на пазарот на трудот да бидат конкурентни на студентите кои континуирано учеле.
Втора разликата меѓу државниот испит и екстерното тестирање се состои во тоа што кај екстерното резултатите се знаат по извесен период, додека кај државниот испит е доволно само да се положи тестот, а резултатите се веднаш познати.
Од исклучителна важност, велат нашите соговорници е, факултетите да продуцираат кадри со реални знаења, особено за струки и професии каде способноста и квалитетот се пресудни како – лекари, кардиолози, хирурзи, стоматолози, инженери и градежници.
Концептот не е финален и ќе се моделира со широка јавна дебата во која се вклучени и студентите и професорите. Првичната идеја е студентите да полагаат на претходно познати прашања и тоа два пати за време на студискиот циклус – на крајот на втора и уште еднаш во четврта година. Испит од ваков вид се спроведува во Полска, Чешка, Унгарија, Словачка и други европски земји.
Државната агенција МИА повикувајќи се на владини извори објави дека студентите биле изманипулирани од невладините на Сорос и од универзитските професори блиски до опозицијата кои, според нив, имале за цел да создадат глобална слика на незадоволство. Ако се усвои, испитот ќе почне да се применува од идната академска година, а ќе го полагаат студентите во 2017-та, па оттука, велат нашите соговорници, нема да важи за студентите кои протестираа.
Анита Димитријевска
