Нов напад во Русија
Русија

Русија
Уште еден напад во Русија, овојпат во Дагестан. Загина едно лице, а двајца полицајци се повредени во експлозијата во градот Хавасвјурт. Не престанува напнатоста во Волгоград по двата терористички напада, при што загинаа над 30-мина, а голем број беа повредени. Министерството за вонредни ситуации соопшти дека бројот на загинати може да биде поголем, бидејќи некои од повредените се во тешка состојба. Рускиот претседател Путин ја подигна безбедноста на највисоко ниво. Над 4 илјади полицајци и доброволци патролираат низ градот и претресуваат сомнителни. Во телефонски разговор Путин и генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун констатирале дека се потребни заеднички напори во борбата против тероризмот, додека САД понудија соработка во подготовките за Зимските олимписки игри во Сочи кои треба да се одржат во февруари.
САД
Железничка несреќа на неколку километри западно од Каселтон. Судирот на двата воза, од кој едниот превезувал нафта, предизвикал силна експлозија, а од пожарот се запалени и десетина автомобили. Забележан е и густ чад. Нема информации за жртви, а полицијата ја испитува причината за несреќата.
Израел
Властите во Израел ослободија 26 палестински затвореници осудени за тероризам и убиства. Ослободувањето е дел од процесот за поттикнување мировни преговори и се дел од третата етапа за ослободување на палестински затвореници. Палестинскиот претседател Махмуд Абас ги пречека и вети дека ќе го продолжи притисокот се додека не бидат ослободени и другите.
Германија
Германците потрошиле рекордни 124 милиони евра за уличните огномети за време на новогодишната ноќ, соопштија од Здружението за пиротехничка индустрија. Во земјата е дозволена продажба на ракети само во периодот меѓу 29 и 31 декември на лица постари од 18 години, кои можат да се употребуваат само за време на пречекот на Нова година.
Марија Петковска
