Се интензивира заштитата на културното наследство во Крушево
Изработени се нови фасади на 6 староградски куќи со што е зачуван автентичниот изглед, а се работи и на потпорниот ѕид околу платото на споменикот Македониум, каде треба да започне и негова комплетна реконструкција. Се заштитуваат исто така и вредните книги стари и по повеќе од 500 години...

Во Крушево се одвива интензивна заштита и конзервација на повеќе културно историски споменици и вредно културно наследство. Во тек е конзервацијата на иконостасот во црквата Свети Јован, кој е стар повеќе од 110 години, работен во плитка резба. Поради пропаѓање на целото плато на кое е поставен постоело опасност од негово уништување.
„Се прават армирано бетонски шипови на кои се поставуваат лентовидни темели заради стабилизација на самиот иконостас што ќе придонесе овој објект да ги нема тие проблеми“, вели Гордана Данилоска Спироска, директор на Завод и музеј Прилеп.
„Тоа е доста вреден иконостас кој е од огромно значење за нашиот град и е во рангот на оној од Бигорскиот манастир“, истакна Ѓорѓи Дамчески, градоначалник на Крушево.
Изработени се нови фасади на 6 староградски куќи со што е зачуван автентичниот изглед, а се работи и на потпорниот ѕид околу платото на споменикот Македониум, каде треба да започне и негова комплетна реконструкција. Се заштитуваат исто така и вредните книги стари и по повеќе од 500 години.
„Завршена е конзервацијата на крушевскиот осмогласник од 15 век и зборникот на апокрифи кој потекнува од 15 до 17 век, потоа конзервирани се часослов, богослужбена книга, потоа е конзервиран и Уставот и проколот на крушевското братство од Софија од средината на 19 век“, потенцираше Зоран Богески, директор на музеј Крушево.
За неколку денови тука во Крушево треба да започне и внатрешното преуредување на Галеријата на Мартиновски, а исто така и на изложбениот простор во Музејот на Илинденското востание.
Реконструкцијата на музеите и старите фасади на куќите ќе продолжи и наредната година.
Дарко Штаргоски
