Лига на шампионите

Вардар уште еднаш падна пред Веспрем

23.11.2014 00:31

Резултатски, Вардар мина речиси исто како на гостувањето кај Веспрем во СЕХА Лигата. Новиот пораз од осум гола разлика е епилог на лошиот ден на нашиот тим...

Македонскиот ракометен вицепрвак Вардар вторпат за само седум дена загуби од Веспрем, денеска со 32-24 во шестото коло од Лигата на шампионите. Со тоа „црвено-црните“ го загубија чекорот со унгарскиот тим во намерата да ја продолжат борбата за првото место во групата „Ц“.

Резултатски, Вардар мина речиси исто како на гостувањето кај Веспрем во СЕХА Лигата. Новиот пораз од осум гола разлика е епилог на лошиот ден на нашиот тим, којшто за разлика од мечот во Скопје минатиот викенд, овој пат и не заслужи повеќе. По неиграњето на Горбок и на Стоилов, повредата на Лацковиќ на стартот уште повеќе ја скуси ротацијата на играчи, а Веспрем пристисна од самиот почеток. Од 5-1 зголемуваше на 11-7, па на 13-8, за на полувреме да има 16-10.

Разликата од најмалку шест гола се провлекуваше и во продолжението, а највисоките 10 минус беа на две минути пред крајот – 33.22. Голманите немаа ден, Штербик и Ангелов заедно фатија едвај осум топки, за разлика од противничкиот, Миклер, којшто одбрани дури 18 удари. Дибиров, Прибак и Дујшебаев постигнаа по четири гола за Вардар, додека кај Веспрем незапирливи беа Илиќ со осум и Цајц со седум гола.

Шанса за прекин на низата од два пораза Вардар ќе има против Целје во Скопје наредната сабота.