Лига на шампионките

„Болен“ пораз за ЖРК Вардар од Турингер

23.11.2014 00:34

Уште претходно беше јасно дека „вардарки“ ќе продолжат понатаму во друштво на Будуќност и на Турнигер, со тоа што остана само дилема какво бодовно салдо ќе понесат со себе...

Нашиот женски ракометен првак Вардар загуби на гости кај Турингер со 21-20 во последното шесто коло од првата групна фаза во Лигата на шампионките. Тоа значи дека во наредниот втор сегмент од натпреварите по групи, како второпласиран во својата конкуренција ќе пренесе само три, наместо посакуваните пет бода. 

Уште претходно беше јасно дека „вардарки“ ќе продолжат понатаму во друштво на Будуќност и на Турнигер, со тоа што остана само дилема какво бодовно салдо ќе понесат со себе. Тимот на Индира Кастратовиќ замина во Германија со амбиција и вторпат да слави над Турингер, но остана со празни раце. И покрај бледиот почеток на мечот, водеше на полувреме со 12-10, а потоа доминираше и уште десетина минути во вториот дел кога направи плус три, 14-11. Тогаш како да застана, Турингер фати приклучок, изедначи на 15-15, по што се играше гол за гол се до самиот крај. Клучниот погодок Германките го дадоа на само четири секунди пред сирената. По тајм-аутот Вардар прерани со тргнувањето од центар и пропадна шансата барем за бод.

По пет гола дадоа Пенезиќ и Лазовиќ, Суслина имаше 13 одбрани, додека кај противникот прво име беше Надгорнаја со шест погодоци. Со оглед на објективниот однос на силите во групата, Вардар ќе пренесе премалку бодови во втората фаза по групи, само три. Будуќност заработи седум, а Турингер два. Овие три екипи ќе вкрстат со најдобрите од конкуренцијата „А“ во којашто се Лајпциг, Динамо, Крим и Хипо.