Почина 12 годишното момче застрелано од полицајци во Кливленд

24.11.2014 10:19

Двајцата полицајци кои биле на должност велат дека не добиле информација дека се работи за реплика на пиштол. Кога пристигнале на местото на настанот побарале од момчето да ги крене рацете, но тој ги спуштил на оружјето кое го носел на појасот...

Почина малолетникот кој носеше лажен пиштол на игралиште во Кливленд, Охајо. 12 годишното момче беше застрелано откако полицијата интервенираше во саботата по дојавата дека вооружено лице со огнено оружје цели во минувачите. Според снимениот повика на 911 повик на полицијата и било укажано дека можеби се работи за лажен пиштол.

„Тука има момче со пиштол, веројатно лажен, но тој цели кон сите минувачи“, се вели во повикот до полицијата.

Двајцата полицајци кои биле на должност велат дека не добиле информација дека се работи за реплика на пиштол. Кога пристигнале на местото на настанот побарале од момчето да ги крене рацете, но тој ги спуштил на оружјето кое го носел на појасот.

Тогаш полицајците пукале и го погодиле малолетникот два пати, од кои еден истрел бил смртоносен. Тогаш дознале дека се работи за оружје од типот „мека пневматика“ кој личи на полуавтоматски пиштол со излижан портокалов индикатор за безбедност.

Момчето починало во болница, но не се соопштуваат други податоци,   освен дека се работи за црномурест малолетник.

„Младото момче имало оружје на појасот. Кога посегнало по него нашите службеници испукале два куршума кон него“, изјави заменик- началникпт на полицијата, Ед Томба.

Овој инцидент доаѓа во многу непријатен момент, кога во Фергусон се очекува одлуката дали ќе биде подигнато обвинение против белиот полицаец за убиство на црниот тинејџер во преградието на Сент Луис во државата Мисури.

„Ова е тежок период за мене. Сакам да го дознаам исходот“, изјави таткото на Мајкл Браун.

18 годишниот афроамериканец Мајкл Браун беше застрелан од 28-годишниот полицаец Дарен Вилсон. Според властите, Вилсон го застрелал Браун во полициско возило откако настанала тепачка околу пиштолот, а полицаецот побарал медицинска помош поради повреди на лицето. Меѓутоа очевидци велат дека момчето е убиено надвор од полициско возило и тоа додека ги држело рацете во воздух, во знак на предавање.

„Мораме да бидеме сигурни дека ќе го сочуваме животот, имотот и ќе се увериме дека правата загарантирани со уставот не се погазени“, смета наредник Брајан, од Полицијата во Сент Луис.

По овој инцидент избија масовни протести кои резултираа со повредени и приведени лица. Американскиот претседател побара смирување на тензиите.

 

Маријана Димовска