Шах

Карлсен останува шаховски владетел

24.11.2014 10:33

Според шаховските експерти Магнус Карлсен на двобојот во Сочи можеби ја немаше доминантноста како во ланскиот дуел со Ананд, но покажа исклучителна психолошка стабилност...

Норвежанецот Магнус Карлсен ја одбрани титулата светски шаховски првак. Тој со бели фигури победи во  11-та партија против  Вишванатан Ананд и со 6.5:4.5 поени го доби мечот во Сочи.

„Пресреќен сум, чувствувам големо олеснување бидејќи се е веќе готово“- е првата реакција на Карлсен по мечот.

„Се коцкав и тоа скапо ме чинеше. Му ја честитам победата на Магнус и признавам дека тој беше подобар играч. Имаше посилни нерви, беше постабилен,а  јас не издржав“- изјави Ананд.

Според шаховските експерти Магнус Карлсен на двобојот во Сочи можеби ја немаше доминантноста  како во ланскиот дуел со Ананд, но покажа исклучителна психолошка стабилност. Со неполни 24 години,  на „црно-белите“ полиња ги ги надмина сите натпреварувачки бариери.Титулата шаховски велемајстор ја освои во својата 13-та година и во тој момент стана најмладиот на светот со најпрестижната титула.Со достигнати  2882 рејтинг поени, тој е рекордер на ФИДЕ листата. Шампион е и во игра со забрзано и брзоптезно темпо, победник на скоро сите најсилни светски турнири...! Магнус Карлсен станува и богат човек. Од наградниот фонд од над 1 милион долари за мечот за титулата во Соч, Карлсен ќе добие над 600 илјади долари.

Тој ќе остане остане владетел во шаховскиот свет барем до 2016 година.