Обама: Хилари Клинтон би била одличен претседател

24.11.2014 12:37

Во вчерашното интервју за емисијата „Оваа недела“ на телевизијата Еј-би-си Обама истакнал дека гласачите се заинтересирани за некој што зад себе нема „толкава километража“ и кој ќе сврти „нова страница“, пренесува АП...

Американските гласачи сакаат да го почувствуваат „мирисот на нова кола“ во трката за Белата куќа во 2016 -та, тврди претседателот Барак Обама, а таа нова кола, според него, ја претставува Хилари Клинтон, за која истакнува дека би била одличен претседател кога би решила да се кандидира. 

Во вчерашното интервју за емисијата „Оваа недела“ на телевизијата Еј-би-си Обама истакнал дека гласачите се заинтересирани за некој што зад себе нема „толкава километража“  и кој ќе сврти „нова страница“, пренесува АП.

Според мислењето на Обама, повеќе потенцијални кандидати на Демократската партија би можеле да бидат „одлични претседатели“ на САД, но тој по име ја навел само Хилари Клинтон, за која признал дека не се согласува со него за сите прашања.

Клинтон е еден од моќните лидери на Демократската партија, со богата историја во политиката. Откако беше прва дама на сојузната држава Арканзас, за време на двата мандати на својот маж Бил Клинтон беше прва дама на Америка, а по завршувањето на неговиот мандат беше избрана за американски сенатор, потсетува АП.

Како што покажуваат анкетите на јавното мислење, меѓу демократите Клинтон има најголем углед од сите потенцијални претседателски кандидати, вклучувајќи го и сегашниот американски потпретседател Џозеф Бајден, кој не ја исклучува можноста третпат да се обиде да влезе во Белата куќа.