Груевски на Виенскиот економски форум: Македонија атрактивна за странските инвеститори

24.11.2014 13:12

Премиерот Никола Груевски е во Виена и присуствува на состанокот на Централно- европската иницијатива (ЦЕИ) каде ќе се изврши и чинот на официјално преземање на претседателството од досегашниот претседавач Република Австрија...

Македонија го презема од Австрија претседавањето со Централно- европската иницијатива. Премиерот Никола Груевски е во Виена и присуствува на состанокот на Централно- европската иницијатива (ЦЕИ) каде ќе се изврши и чинот на официјално преземање на претседателството од досегашниот претседавач Република Австрија.

Во обраќањето премиерот ќе ги истакне приоритетите на македонското претседавање со ЦЕИ во текот на 2015 година, како и календарот на предвидените активности.

Груевски присуствува и на реномираниот Виенски економски форум, на кој се дискутира за предностите, перспективите и влијанието на регионалната економска соработка.

„Нашата земја направи голем економски напредок. Минатата година имавме трет највисок раст на БДП во Европа, а во првите шест месеци од годинава имаме втор највисок раст од 4,1%. Ние сме многу фокусирани на макроекономската стабилност, политиките се добро поставени и ќе продолжиме во тој правец. Државниот долг е низок до умерен, во моментов е околу 40%. Многу сме фокусирани на капиталните инфраструктурни проекти, ние и сега имаме добра инфраструктура, но продолжуваме да правиме чекори и да спроведуваме проекти кои ќе ја подобрат инфраструктурата. Во моментов се градат три автопати и пругата кон Бугарија. Она што не прави многу атрактивна земја за домашните и странските инвеститори, се добро квалификувана и млада работна сила, како и фактот што нудиме најниски трошоци за правење бизнис“, рече во својот говор премиерот Никола Груевски.

Присутни се и австрискиот претседател Фишер, канцеларот Фајман, италијанскиот премиер Ренци, чешкиот Соботка, хрватскиот Милановиќ, албанскиот Рама како и премиерот на БиХ Беванда.

Премиерот Груевски ќе оствари средба и со претседателот на Европската банка за обнова и развој, Сума Чакрабарти, на која ќе се дискутира за можностите, аспектите и деталите за соработка на поголем број на тековни и идни проекти.