Земјите од Западен Балкан сакаат побрза интеграција во ЕУ!

24.11.2014 15:12

Во обраќањето на реномираниот Виенски економски форум, Груевски нагласи дека ваквите настани помагаат во креирање заеднички политики и проекти, што ќе го олеснат интегрирањето на земјите од ЈИЕ во ЕУ...

Ниски даноци и поволна бизнис – клима, макроекономска стабилност, спроведување политики кои на земјата и овозможија во првите шест месеци од годинава, по големината на растот на БДП да биде втора во Европа. Македонија го претстави сработеното во изминатиот период.

„Ние сме фокусирани на реализирање капитални инвестиции во инфраструктурата. Во моментов градиме три автопати и пруга кон Бугарија. Она што не прави многу атрактивна земја и за странските и за домашните инвеститори, се добро квалификуваната и млада работна сила, како и фактот што имаме најниски трошоци за правење бизнис во Европа“, изјави претседателот на Владата, Никола Груевски.

Престижниот Виенски економски форум на едно место ги собра креаторите на политиките од ЈИЕ. Земјите побараа практични решенија кои ќе придонесат за нивна побрза економска и политичка интеграција во Европската унија.  

„Многу е важно Европската унија да креира поширока инвестициска рамка. Таа треба да помогне во развојот на интегративната инфраструктура меѓу Западен Балкан и ЕУ“, изјави Мило Ѓукановиќ, премиер на Црна Гора.

„Во секоја земја од регионот се прават големи напори за потребните реформи и како резултат на тоа се подобрува бизнис – климата“ , рече Еди Рама, премиер на Албанија.

Од домаќинот Австрија пораката дека земјата останува посветена на интеграцијата на Западен Балкан.

„Ние ја поддржуваме европската перспектива на сите земји од регионот на ЈИЕ, не само на политички план, туку и на полето на економијата, преку проектите во инфраструктурата. Тоа е многу важно за поголема интеграција,  и на политички и на економско ниво“, нагласи Хајнц Фишер, претседател на Австрија.

Попладнево, Македонија од Австрија ќе го го превземе претседавањето со Централно – европската иницијатива за 2015-та година и ќе ги претстави приоритетите, а во Виена е најавена и средва на премиерот Груевски со првиот човек на ЕБОР, Сума Чакрабарти.

 

Мартин Пушевски