Папата Франциско утре во Стразбур

24.11.2014 16:06

Европскиот Парламент и Советот на Европа утре на неколку часа ќе бидат домаќини на Папата Франциско, каде се очекува да одржи два говори, кои треба да содржат пораки за надеж и хуманост. Последниот пат кога еден папа беше гостин во Стразбур, тоа беше пред 26 години на 11 октомври 1988 година, кога Јован Павле II им се обрати на европратениците непосредно пред рушењето на Берлинскиот ѕид. Папата Франциско одговори на поканата дадена во името на Парламентот од Претседателот Мартин Шулц, за време на неговата посета на Ватикан на 11 октомври 2013.

Во Стразбур се на сила драстични безбедносни мерки поради посетата на папата, кои можат да се споредат со тие за време на самитот на НАТО од пред неколку години. До европските институции утре ќе може да се дојде само со специјални акредитации. Папата ќе одржи два говори: Еден  во Европскиот парламент, друг во Советот на Европа во рамките на 65 годишнината од неговото основање.

Претставникот на Светата Столица во ЕУ, Ален Лебопан,  за содржината на пораката која папата Франциско ќе ја каже од говорниците во Стразбур, упатува на главната христијанска порака.

Го сакаме Господ-Бог и блискиот свој. Ако Европа која се гради ги почитува и помага повеќе човечките личности, да се стави достојноста на човекот во центарот на економските и финансиските преокупации, тогаш тоа занчи и почитување на христијанизмот“.

Црковните и градските власти на Стразбур се надеваат дека Папата ќе ја посети Катедралата која го слави илјадолетието, но и дека не е предвидена богослужба.

Двата говори на Папата Франциско во ЕП и потоа во СЕ се очекуваат со големо внимание, бидејќи помирувањето на европските народи и европската конструкција ја иницираа и за неа најмногу се залагаа демохристијаните, денес во европските институции претставниците на крајната десница се бројни, а пораката на папата треба да  донесе надеж и хуманост.

Тони Гламчевски