Парадокс во македонскиот Манчестер: Младите губат интерес за текстилните струки

24.11.2014 16:16

Градот на текстилот се соочува со најголемиот парадокс, Штип го губи текстилното училиште. Општината и бизнисмените прават секакви напори за да привлечат ученици, но младите изгубиле секаков интерес. Годинава, одвај склопиле две паралелки...

Бројни стипендии за школување на четири годишно средно образование, но и за дообразување на факултет. Веднаш по завршувањето- работа. Ова не е приказна, ова е вистина во Штип, но младите не се заинтересирани. Македонскиот Манчестер се уште е центар на текстилот во земјава, но се соочува со недостиг на квалификуван кадар.

„Уписната политика, за жал, и оваа година не се спроведе како што требаше, иако инспекторатот реагираше, меѓутоа имаше повисоки органи кои го стопираа тоа, за да се вратат учениците во текстилното училиште“, изјави директорката на средното текстилно училиште во Штип, Цветанка Красиќ.

Намалениот интерес на учениците за ова училиште тешко им паѓа и на професорите, кои велат ги спровеле сите реформи.

„Имаме и од кожарската струка- техничар за обувки, за што немаме запишано оваа година ученици“, вели професорката Катица.

А малкуте ученици кои се одлучиле и годинава за текстилното „Димитар Мирасчиев“ со визија за својата иднина. Не сакаат да останат само конфекционери.

Покрај намалениот интерес на учениците, средното текстилно се соочува и со уште еден проблем.

„Дислокацијата на средното текстилно училиште, бидејќи оваа зграда е дадена на Медицинскиот факултет, и со право Медицинскиот факултет бара да се најде решение за тоа училиште. Идејата за негово прелоцирање кај средното електро- машинско училиште милслам дека може да биде остварлива затоа што таму имаме простор каде што тоа можеме да го направиме“, изјави градоначалникот на Штип, Илчо Захариев.

20 стипендии од општината и нешто повеќе од конфекциите во моментот чекаат да бидат искористени.

Состојбата во ова училиште докажува дека токму текстилот во Штип ја губи својата перспектива, бидејќи снемува доволно квалификуван кадар.

 

Катерина Топалова