Негативен тренд: 80% од жртвите на семејно насилство се жени
Надлежните велат, жртвата пријавува откако ќе сфати дека животот и е во опасност...

Не само грдите и голи дрвја, есенското сонце го откри и насилството во едно скопско семејство.
„Ова трае со години, се си викав ај ќе бидe. Се враќав дома само поради децата“, вели жртва на семејно насилство.
По пријава од полицијата, домот го посетија и социјалните работници.
„Жртвата е на возраст од 42 години, а насилникот на возраст од 45години. Децата се на возраст од 9 и 11 години. Децата често биле сведоци на насилството. Малтретирањето траело со години. Жртвата немала сила да го пријави насилникот. Последниот настан бил со тешки физички последици, па таа решила да пријави во полиција“, изјави Тамара Мартиновска, социјален работник.
Надлежните велат, жртвата пријавува откако ќе сфати дека животот и е во опасност.
„Во конкретниот случај, насилникот растел во семејство каде што постојано бил сведок, а и жртва на насилство. Исто така, алкохолот е причина за таквото однесување“, изјави Гоце Прцуловски, социјален работник.
Расте бројот на пријавите. Најголем број од поплаките се поради психичко малтретирање, потоа за физичко, но има и за малтретирање од економски побуди.
Две убиства, две киднапирања и 700 пријави се годинашниот биланс на семејно насилство. И годинава како и во изминативе 80 проценти од жртвите се жени.
Од 1 јануари, идната година ќе стапи во сила Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство. Мерките за заштита од семејното насилство ќе ги изрекува Основен суд по предлог на Центарот за социјална работа.
Сторителот ќе мора да плати парична казна до 5.000 евра. Судот ќе може да изрече привремена мерка за насилникот- отстранување од домот и забрана за приближување во период од најмалку две недели.
Наташа Јанчиќ
