Македонија се приклучува во борбата против насилството врз жената
Ако не се превенира, на глобално ниво, една од три жени ќе биде физички и сексуално злоставувана од партнерите. Македонија се приклучува во глобалната кампања за кревање на гласот и обид да се влијае на црната статистика...

Да се стави крај на насилството врз жените и девојчињата. Стартува кампањата „Направи го твоето соседство портокалово“. Целта е сите да се вклучат во акцијата. Да не се премолчува проблемот, да им се помогне на жртвите. Статистиката алармантна. Бројот на поплаки се зголемил.
„Без сеопфатна, поширока и постојана граѓанска партиципација не е можно успешно спротивставување и елиминирање ниту на семејното насилство, ниту генерално на насилството и неговите без исклучок секогаш трауматични и болни последици“, изјави Гордана Јанкулоска, министер за внатрешни работи.
Ако не се превенира, на глобално ниво, една од три жени ќе биде физички и сексуално злоставувана од партнерите. Болката е поголема кога тоа е сторено од блиското лице од семејниот дом.
„Жените имаат поголем ризик да бидат жртви на семејното насилство или на силување, отколку да бидат жртви на рак или да бидат удрени од автомобил“, нагласи Луиза Винтон, постојан координатор на ООН во РМ.
Образованието има клучна улога во промена на штетните родови стереотипи кои директно или индиректно промовираат насилство врз женската популација.
„Голем број од насилствата остануваат нерегистрирани или непријавени“, вели Александар Канурков , директор на СЕПУ„Васил Антевски – ДРЕН“.
Јасно и недвосмислено демонстрирано „НЕ“ за насилството врз жените. Деновиве да се даде вистинско значење, но и со одговорност и волја да се застане на патот на ова зло.
Од денеска, во наредните 16 дена активизам за ставање крај на оваа појава. Идејата е да се подари портокалов цвет на значајните жени во вашиот живот, да се нацрта портокалов цртеж со најмладите во семејството и да се испрати порака со портокалова содржина.
Наташа Гркова-Петрушевска