Се повеќе родители заинтересирани за воншколска дружба со децата и наставниците
Македонските основци од оваа учебна година еднаш месечно имаат и воншколски активности со наставниците. Во проектот можат да учествуваат и родители...

Брзото темпо на живеење, но и работните обврски не им дозволуваат на родителите да поминуваат повеќе време со дечињата. Дружбите надвор од училиштето за нив се добредојдени. Родителите кои се вклучија во проектот на министерството за образование велат дека викендите се максимално исполнети. Заедно со наставничките еднаш месечно се следат спортски натпревари, културни настани, училишни приредби, одат на излети, но и ги едуцираат децата како да се заштитат од лошите навики. Интересот за проектот е огромен. Се повеќе родители се пријавуваат за да се дружат со нивните дечиња надвор од училиштето.
„Како родител сум презадоволна од проектот што го реализира министерството, а исто така се прифаќа и во училиштето. Како прво, имаме многу добра соработка како со наставниците така и со учениците. Имавме прва активност, за новата година – дочек на нова година, изработка на различни видови на украси, каде што имавме отворен базар во училиштето“, вели Маргарита Ставрова, родител.
„Многу ми се допаѓа, мислам дека и другите родители се задоволни од комуниакцијата со нив и децата се пресреќни“, вели Кристна Дракуловска, родител.
Преку дружбата со родителите и наставниците, децата добиваат поголемо внимание и стекнуваат нови вештини и знаења. Активностите не се задолжителни. Секој родител кој сака да минува повеќе време со своето дете може да се пријави во училиштето. Проектот треба да ја зајакне врската меѓу родителите, учениците и наставниците.
„Се организира најчесто после работно време во зависност колкав е бројот на родители кои се слободни, коишто можат да одговорат на потребите, некаде после 15 часот, после 17 часот“, рече Слаѓана Настовска, директор на ОУ „Александат Македонски“.
Овој проект се применува во многу земји со високо развиени образовни системи, а од оваа учебна година се воведе и во македонските училишта.
Викторија Тодоровска
