Насилни немири во Фергусон
25.11.2014 08:52
Немирите почнаа со палење на полициски автомобили и грабежи на продавници, по што полицијата во Фергусон употреби солзавец. По пристигнувањето на колона автомобили најверојатно од Сент Луис, немирите ескалираа со истрели и експлозии на згради и бизниси во Фергусон...
Насилни немири во американскиот град Фергусон избувнаа доцна синоќа откако поротата во американскиот град Фергусон донесе ослободителна пресуда за полицаецот Дарен Вилсон којшто на 9-ти август го застрела тинејџерот Афроамериканец Мајкл Браун.
12-те поротници донеле едногласна ослободителна пресуда и заклучиле дека полицаецот не дејствувал надвор од надлежностите во моментот кога го застрелал Браун во самоодбрана. Немирите почнаа со палење на полициски автомобили и грабежи на продавници, по што полицијата во Фергусон употреби солзавец. По пристигнувањето на колона автомобили најверојатно од Сент Луис, немирите ескалираа со истрели и експлозии на згради и бизниси во Фергусон.
Засега нема информации за ранети или загинати, но судејќи по интензитетот на истрелите од огнено оружје и нападите врз новинарските екипи коишто сакаат да ги снимат напаѓачите, веројатно има и повредени. Овие немири се понасилни во споредба со протетсите во август што траеја една недела по убиството на 18-годишниот Мајкл Браун. Родителите на Браун и американскиот Претседател Барак Обама се обратија ноќеска на јавноста за да апелираат за воздржаност на демонстрантите и на полицијата.
Главниот обвинител на Сент Луис, Роберт Меккалоу соопшти дека одлучувачки за ослободителната пресуда за полицаецот Дарен Вилсон било сведочењето од Афроамериканци коишто биле сведоци дека Мајкл Браун го нападнал полицаецот и тргнал кон него кога тој го застрелал. Во Фергусон по наредба на гувернерот Џеј Никсон е распоредена Националната гарда на Мисури на стратешки места, а веќе неколку денови како превентива во градот се наоѓаат и поголем број на припадници на државната полиција и федерални агенти.
ФБИ уапси неколку екстремисти од групата Црн Пантер коишто повикуваа на насилство во Фергусон и нудеа парична награда преку социјалните мрежи за убиецот на полицаецот Вилсон.
Полицаецот Дарен Вилсон и покрај ослободителната пресуда најверојатно ќе мора да замине од Фергусон и својата кариера да ја продолжи во некој друг американски град.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ