Ескалира состојбата во Фергусон по ослободителната пресуда за Вилсон

25.11.2014 10:27

Немирите почнаа со палење на полициски автомобили и грабежи по продавниците, при што полицијата употреби солзавец, да ги смири демонстрантите. Локалните медиуми јавуваат дека полицијата употребила и гумени куршуми да ја смири толпата...

Ескалираше состојбата во американскиот град  Фергусон по ослободителната одлука на поротата за полицаецот Дарен Вилсон, кој на 9-ти август го застрела момчето од афроамериканско потекло, Мајкл Браун. 

Дванаесетте поротници донеле едногласна ослободителна пресуда, бидејќи полицаецот  реагирал во рамките на надлежностите. Претседателот Обама и се обрати на јавноста и повика на смиреност и воздржаност.

„Нашата земја е основана на владеењето на правото и мора да прифатиме дека тоа е одлука, што е донесена од судот. Ги повикувам граѓаните да го почитуваат спроведувањето на законот во Фергусон и мирни демонстрации“, рече претседателот Барак Обама во обраќањето до јавноста.  

Немирите почнаа со палење на полициски автомобили и грабежи по продавниците, при што полицијата употреби солзавец, да ги смири демонстрантите. Локалните медиуми јавуваат дека полицијата употребила и гумени куршуми да ја смири толпата.

Сосотојбата излезе од контрола откако колона автомобили од Сент Луис им се придружи на демонстрантите. Гувернерот Џеј Никсон ја распореди Националната гарда на стратегиски места.

„Фокусирани сме на заштита на животот, имотот и слободата на говорот. Мора да постои интеракција меѓу полицијата и демонстрантите за да се спречи насилството. Ги повикувам луѓето да демонстрираат смирено“, изјави гувернерот на Мисури, Џеј Никсон.

И родителите на Браун повикаа на мирни демонстрации. Граѓаните на Фергусон добија подршка и од жителите на Лос Анџелес, Њујорк и Чикаго...

„Клучни беа изјавите на сведоците кои потврдија дека Мајкл Браун го нападнал  полицаецот“, изјави главниот обвинител на Сент Луис, Роберт Мек Калоу.

ФБИ уапсила неколку екстремисти од групата „Црн Пантер“ кои  повикуваа на насилство во Фергусон и нудеа парична награда преку социјалните мрежи за убиецот на полицаецот Вилсон, кој и покрај ослободителната пресуда најверојатно ќе мора да замине од Фергусон и кариерата да ја продолжи во друг  град.

 

Марија Петковска