Најмногу претставки до Народниот правобранител за работата на правосудните органи
Најголемиот број од претставките на граѓаните до Народниот правобранител се однесуваат на работата на правосудните органи. Ова во Охрид го изјави Иџет Мемети на отворањето на дводневната тркалезна маса посветена на правата на граѓаните во постапките на извршување и на избирачко право. Целта е, доколку има слабости во правната регулатива, тие да се отстранат и да се подобри квалитетот на извршување на законите...

Со воспоставувањето на новиот систем на извршување се појавија многу проблеми во пракса. На почетокот ефикасноста на народниот правобранител беше послаба бидеќи извршителите не прифаќаа во доволна мерка тој да ги мониторира. Иако комуникацијата е подобрена сеуште има слабости, па така се случува надвор од законот, можеби и поради незнаење на граѓаните да им се земаат повеќе пари од законски предвиденото или да се наплаќа од примателите на социјална помош.
„Сме имале доста случаи каде што извршителот ќе се пожали на начинот на спроведување на неговиот налог од страна на банката. Тој смета дека дека има составено законит налог и дека може да се зафати само една третина од примањата на граѓанинот, а од друга страна банките на почетокот немаа систем за зафаќање само на една третина“, изјави народниот правобранител, Иџет Мемети.
Марк Ласер од Американската амбасада ги поздрави реформите што се спроведуваат во насока на подобрување на кривично правниот и правосудниот систем, со цел да се подобри заштитата на правата на граѓаните.
„Се обидуваме да побараме од државата поголемо финансирање на правосудниот систем во целост, затоа што се потребни дополнителни ресурси и доопремување на одредени судови и јавни обвинителства во некои од градовите во Македонија“, вели Ласер.
Што се однесува до избирачкото право според народниот правобранител недостига брзина во реализирањето на правото на граѓаните како бирачи. Избирачкото право условува ажурност, рече тој, а во моментот заштитата што ја дава народниот правобранител се сведува само на наоѓање на граѓаните во избирачките списоци.
Сашо Нелоски
