Развој на инфраструктурата и туризмот за развој на Југозападниот плански регион
Во Струга се одржа трибина за подготвување и изработка на проекти за развој на југозападниот плански регион во нашата држава. Покрај професори, стручни лица и експерти свое учество имаше и Швајцарската агенција за развој при Швајцарската амбасада во Скопје како и Министерството за локална самоуправа...

Подобрување на квалитетот на граѓаните е основната цел на овој проект за развој на Југозападниот плански регион во Македонија. Оваа програма ќе има проекти во областа на транспортот, меѓусебното поврзување на општините, воздушниот сообраќај, туризмот како и заштитата на животната средина. За Струга и Охрид, туризмот како основна гранка во економијата во овој регион се очекува најголем број проекти, а како најважен двигател ќе биде изградбата на автопатското поврзување со главниот град.
„Со правење на подобра патна инфраструктура, со автопатот кој што води од Кичево до Охрид е само дел во развојот на туризмот и туристите ќе може побрзо да доаѓаат овде“, рече заменик Министерот за локална самоуправа, Љупчо Пренџов.
Швајцарската амбасада со големо внимание ќе ги следи проектите а посебно ќе помогне во изработка на проектите поврзани со туризмот. Охридскиот аеродром кој не е активен во зимскиот период ќе биде тема на која дополнително ќе се посвети повеќе внимание.
„Ние веќе заеднички со хотелските работници и хотелската организација Хотам го имаме идентификувано како еден од клучните проблеми, имајќи предвид затоа што за да дојдат тука гостите, ако дојдат до скопскиот аеродром прво и потоа имаат уште два и половина часа за патување“, вели Анета Дамјановска од Швајцарската агенција за развој и соработка.
Струга, а посебно Охрид е главна туристичка дестинација на која треба да се стави акцентот за изготвување на проекти кои би го поттикнале туризмот во нагорна линија.
„Главна наша туристичка дестинација не само во нашата земја, ние ја дефиниравме како една од нај атрактивните дестинации во регионот, како регион на балканот“, вели професор Страхиња Трпевски воедно и раководител на програмата за развој на Југозападниот плански регион.
Овој проект ќе содржи многу проекти на кои работат стручни лица и експерти од сите опфатени области и ќе биде со времетраење од 5 години, почнувајќи од наредната па се до 2019-тата година.
Јованчо Наумоски
