МКФ одговара на обвинувањата од Работнички

Титулата не е резевирана за никого, ќе се освои на терен

25.11.2014 14:10

МКФ реагира на вчерашните обвинувања од Работнички дека титулата во домашното првенство е резервирана за некого и преку допис до јавноста го повикува најтрофејниот клуб да не се занимава со пишување соопштенија...

Македонската кошаркарска федерација (МКФ) реагира на вчерашните обвинувања од Работнички дека титулата во домашното првенство е резервирана за некого и преку допис до јавноста го повикува најтрофејниот клуб да не се занимава со пишување соопштенија, туку да се посвети на решавање на натпреварите на терен.

„Обвинувањата по медиумите, а не и нивното процесуирање низ системот, само покажуваат дека и вие самите не верувате во тоа што го изнесувате“, сметаат од МКФ.

„Имате право на секоја одлука да се жалите и аргументирано да се борите против евентуални неправилности, а од надлежните органи да барате и индивидуална одговорност ако сметате дека некој неправилно ја извршува својата функција“, пишува во соопштението од федерацијата, којашто му порачува на Работнички дека со написите им предизвикува огромна штета на натпреварувањето, на лигата, на МКФ, но и себеси како клуб.

„Никој не ги оспорува вашите шампионски амбиции, ниту спортската политика на клубот. Само ве повикуваме да се посветите на она на што и самите јавно го барате, натпреварите да се решаваат на терен. Таму како и досега, ќе победува подобриот, а не некој кому титулата однапред му е резервирана. Тоа не било така ниту кога вашиот клуб ги освојуваше многубројните титули, а нема да биде случај ни во иднина“, се вели во соопштението на МКФ, коешто е одговор на прозивките од Работнички.