ЕБОР се подготвува да ја финансира гасоводната мрежа
Во Виена средба Груевски – Чакрабарти, претседател на Европската банка за обнова и развој. Разговарани за тековните, но и за идните крупни инфраструктурини проекти. Се разгледува можноста, Банката да ја финансира изградбата на гасоводната мрежа во земјава...

Македонија почнува со реализација на нови крупни инфраструктурни проекти. Властите на средбата со ЕБОР во Виена ја дефинираа динамиката за изградба и реконстукција на повеќе регионални патни правци: Градско – Прилеп, Штип – Кочани и Охрид – Пештани, а со автопат ќе се поврзат Струга и Требеништа. Инвестицијата е вредна 165 милиони евра.
„Дел од нив ќе започнат да се градат кон средината на 2015-та, тоа се патните правци Штип – Кочани и Градско – Прилеп, а изградбата на новите патни правци треба да почне кон крајот на 2015-та или почетокот на 2016-та година. Во меѓувреме ќе течат подготовките за нивната изградба“, изјави премиерот Никола Груевски.
На средбата со ЕБОР било отворено и прашањето за изградба на гасоводната мрежа меѓу градовите, но потребно е да се презицираат деталите.
„Ние имаме контакти и со други потенцијални поддржувачи за овој проект, па во наредниве еден до два месеца очекуваме да добиеме одговор дали ќе го финансираме преку ЕБОР или преку други институции“, нагласи Груевски.
Првиот човек на Банката е оптимист дека ќе има партнерство и за гасоводната мрежа.
„Партнерството со Македонија е најдоброто досега. Оваа година инвестициите на ЕБОР во вашата земја достигнаа рекордно ниво од 240 милиони евра. Се реализираат два крупни проекта во делот на патиштата и на железницата во Коридорот 8. Јас сум горд на ова, бидејќи претставува добар пример за регионален проект. Сметам дека и во иднина ќе има многу добри проекти, особено во енергетскиот сектор, во делот на гасот“, изјави Сума Чакрабарти, директор на ЕБОР.
ЕБОР изградбата на патиштата и на втората делница од пругата кон Бугарија ја финансира со 305 милиони евра. Средства се со рок на враќање од 15 години, 4 годишен грејс – период и каматна стапка која во моментов изнесува 1,16%.
Мартин Пушевски
