Фергусон ги запали САД - „Црна сила“ одекнува низ метрополите

25.11.2014 16:43

На Тајмс Сквер во Њујорк, со транспаренти „Расизмот убива“ и „Нема да молчиме“, демонстрантите ја споредија полицијата со Кју Клукс Кланот...

Домино ефект од Фергусон ги запали Соединетите Американски Држави. Слоганот „Црна сила“ одекнува низ метрополите, но овојпат викаат и црните и белите. На Тајмс Сквер во Њујорк, со транспаренти „Расизмот убива“ и „Нема да молчиме“, демонстрантите ја споредија полицијата со Кју Клукс Кланот.

„Ова е за срамота. Ни треба промена на системот. Очигледно е дека полицајците убиваат луѓе. Ја злоупотребуваат моќта и системот е целосно корумпиран“, вели демонстрантка во Њујорк.

Шефот на Њујоршката полиција Бил Бартон кој дојде на Тајмс Сквер беше погоден со лажна крв по лицето. Исто така обезбедувани од голем број полицајци со хеликоптерска поддршка, друга група демонстранти се собра на Јунион Сквер на југот од Менхетен, а трета пеш тргна кон Харлем. Пред Белата Куќа во Вашингтон одекна крик – „Рацете горе, не пукајте“. И во Бостон, Филаделфија, Сиетл, Чикаго и Лос Анџелес, полицијата ги апсеше демонстрантите со кренати раце, исто како Мајкл Браун кога беше застрелан.

„Се извлекоа со Трејвон Мартин и другото момче што го застрелаа. Ова не ме изненадува, но борбата никогаш не запира“, рече демонстрант од Њујорк.

Момчето и полицаецот што беше ослободен по судење со порота, двајцата исклучоци што потврдуваат дека предрасудите се некогаш вистинити, дека полицијата прво пука, а потоа прашува, но истовремено и фактот за насилството во гетата, забележуваат американските медиуми.

„Во многу делови од земјава постои длабока недоверба меѓу полицијата и обоените заедници. Дел од тоа е наследство од разната дискриминација. А тоа е трагично, бидејќи добра полиција најмногу им треба на сиромашните заедници со повисока стапка на криминал“, рече Барак Обама, претседател на САД.

Случајот Мајкл Браун сигурно ќе ги обележи последните години од мандатот на Обама. Првиот афроамерикански претседател на САД беше избран со Афроамериканците како водечка сила зад неговата кампања, прашањето е дали ќе ја изгуби и нивната поддршка откако го изгуби мнозинството во Конгресот од Републиканците, главно поддржувани од белите конзервативци.