Не стивнуваат немирите во САД, протестите се проширија во 170 градови!

26.11.2014 10:10

Втор ден од немирите во САД, по одлуката на судот да не се гони полицаецот, кој уби црномурест тинејџер во гратчето Фергусон. Протестите што се проширија во 170 градови во Америка, се најжестоки во Фергусон, каде во текот на ноќта беа испратени уште 2.200 припадници на националната гарда. Сепак, тоа не помогна, ситуацијата да се смири...

„Пак би го направил истото, ќе пукав и да беше белец“. Полицаецот Дарен Вилсон го прекрши молкот и пред медиумите и ја раскажа својата верзија на настаните.

„Имам чиста совест бидејќи знам дека добро си ја работев работата“, изјави полицаецот Дарен Вилсон.

Изрази жалење за изгубениот живот, но направил како што бил обучен. Вилсон тврди дека Браун му го закочил пиштолот држејќи го со раката и морал да пука.

„Ја отворив вратата од автомобилот и му реков да дојде малку. Тогаш се сврте и рече „што ќе направиш ... ?! И ми ја затвори вратата“, додава Вилсон.

Испукал 12 куршуми во Мајкл Браун, кого го опиша како демон, голем како Халк Хоган. Адвокатите на семејството на застреланото момче обвинуваат за нефер судски процес.

„Самото тоа што рече дека биле како Халк Хоган и петгодишно дете... а двајцата се доста големи луѓе“, изјави Бенџамин Крамп, адвокат.

Поротата не го обвини Вилсон, но ова не е крај на случајот – може да се соочи со федерални и со кривични обвиненија.

Во меѓувреме, неговите изјави само долеаја бензин на пожарот што ги зафати САД. Само во Сент Луис се испратени дополнителни 2.200 војници на Националната гарда да се справи со толпата која уништуваше се пред себе. Во градот се уапсени најмалку 80 луѓе, од кои 61 во Фергусон, главно поради грабежи.

„Сите се многу гневни, но не можеме да направиме ништо, бидејќи тоа е полицијата. Ако направиш нешто против нив, може да завршиш исто“, вели еден деномстрант.

Војската и полицијата со опрема за разбивање и кучиња, но и оклопни возила има дозвола да апси секого и се обидува да ги отстрани новинарите од Фергусон.

Сепак, смртта на Мајкл Браун ги обедини и белите и црните во протест – се маршира во 170 градови. Во Минеаполис нервозен возач влета меѓу демонстрантите и полесно повреди жена.

Полицијата со солзавец ги растеруваше во Денвер и во Портланд, но во Њујорк им остави простор да дишат. Во Атланта од разгласот ечи песната „Фајт д пауер“ или „Бори се против власта“ на Паблик Енеми.

Нереди и судири има во Лос Анџелес, Бостон, Филаделфија, Вашингтон, Чикаго...

 

Ивана Салтировска