Ставрески- Бабиш: Размена на искуства за раст на економиите

26.11.2014 10:39

На средбата биле разменети искуства за економските политики, што двете земји ги спроведуваат, со цел да се создаде поголем економски амбиент и да се овозможи раст на економиите...

Потпретседателот на македонската влада и министер за финансии Зоран Ставрески, за време на работната посета на Чешка, се сретна со својот колега, вицепремиерот и министер за финансии Андреј Бабиш.

На средбата биле разменети искуства за економските политики, што двете земји ги спроведуваат, со цел да се создаде поголем економски амбиент и да се овозможи раст на економиите.

Со мојот македонски колега разговаравме и ме интересираше како во Македонија функционира даночниот систем и можностите за инвестиции како земја која е кандидат за членка во ЕУ, изјави чешкиот министер Бабиш.

Разменивме искуства за начинот на спроведување на јавните набавки и проектот регулаторна гилотина, поедноставување на условите за работа на малите и средни претпријатија, за кој чешкиот министер покажа голем интерес, рече Ставрески.

Ставрески, од својот колега добил потврда дека Чешка ќе остане силен поддржувач на Република Македонија во напорите за повисок економски раст и интегрирање на земјата во ЕУ.

Договорена е и заемна посета на експерти и унапредување на економската соработка.

Во Прага Ставрески ја предводи економската владина делегација, која на бизнис форум, пред повеќе од триесет чешки фирми ги презентираше можностите за инвестирање во Република Македонија.