Детски кашички со опасни материи повлечени од хрватскиот пазар
Министерството за земјоделство на Хрватска објави дека се повлекува детската храна „Алнатура“. Во серијата на кашички со 4 вида житарки во пакување од 250 грама со рок на траење до 30 ноември 2015 гидина се пронајдени траги од тропаналкалоиди во концентрација од 12,1 милиграми по килограм- пишуваат хрватските медиуми...

Министерството добило известување преку веб страната на Европската комисија за наодите од испитаната бебешка храна на германскиот пазар каде што се пронајдени опасните материи. Дистрибутерот ДМ –од Загреб ја повлекува оваа серија детски кашички од пазарот во Хрватска и ги замолува купувачите што имаат купено од оваа серија да не ги користат и да ги вратат во најблиските продавници на ДМ каде што ќе им бидат вратени парите.
Санитарната инспекција на хрватското Министерство за здравство спроведува надзор на повлекувањето. Според стручните објаснувања, тропан алкалоидите се појавуваат природно во некои семејства на билки, а некои мешавини создаваат атропин.
Негативните последици од атропинот се пореметување на парасимпатичниот нервен систем , како на пример забрзана работа на срцето, сушење на устата , опуштање на мазната мускулатура на цревата, на уринарните патишта и на жолчната кеса, а зависат од конзумираното количество.
Може да дојде и до проширување и парализа на зеницата, тешкотии во говорот и голтањето, немир, умор, главоболка, сува и топла кожа. Кај децата се јавува и покачена температура.
Соња Стојановска
