Тројца од обвинетите во случајот „Монструм“ одат во Идризово

26.11.2014 12:56

Судот денеска им изготвил решение- потврдуваат за МРТ од скопскиот Кривичен суд. Неодамна тие побарале од судијата да им се овозможи да одат во затвор пред парвосилноста на пресудата...

Фејзи Азири, Хаки Азири и Агим Исмаиловиќ осудени на доживотен затвор во случајот „Монструм“  можат веднаш да ја издржуваат казната затвор. Судот денеска им изготвил решение- потврдуваат за МРТ од скопскиот Кривичен суд. Неодамна тие побарале од судијата да им се овозможи да одат во затвор пред парвосилноста на пресудата.   

„Тројца од обвинетите од овој предмет ќе одат на издржување на казната затвор. Согласно законските одредби тие се обратија со брање до судот кадешто сакаат пред правосилноста на пресудата да бидат упатени на издржување на казна затвор. Судот го уважи ова брарање, решенијата се изготвени. Денеска ќе бидат доставени до обвинетите, па ќе бидат упатени на издржување на казната затвор согласно првостепената пресуда“, изјави портпаролот на Основниот суд 1- Скопје, Паула Божиновски.

Тројцата обвинети според нивниот адвокат со преместувањето од притвор во затвор би имале подобар третман.

„Поради подобрите услови во казнено поправната установа Идризово, вообичаено е тие што се во притвор, сами да побараат да одат во казнено поправната установа каде што се подобри условите“, вели адвокатот Насер Рауфи.

Сами Љута кој исто така беше обвинет и е во притвор заедно со нив, не побарал предвремено да ја издржува казната. По се изгледа тој ќе ја чека пресудата од Апелација, до каде обвинетите поднесоа жалба. Од судот информираат дека многу ретки биле случаите обвинети со првостепена пресуда да бараат порано да издржуваат казна затвор, обично чекале правосилна пресуда.

За случајот Монструм доживотен затвор добија и Исмаиловиќ и Демири кои што се наоѓаат на издржување на друга затворска казна во Косово. Косовските власти сеуште не ги екстрадираат.

Од Министерството за правда информираат дека сеуште немаат одговор по барањето за нивна екстрадиција кое било поднесено на 15-ти март 2013-тата година.

Седуммина се обвинети за петкратното убиство кое на 12 април 2012 година, на Велики четврток, се случи кај Смилковското Езеро. Тие се товарат за тероризам. Според обвинителството, мотивот за свирепото убиство е предизвикување чувство на страв и несигурност кај граѓаните.

 

Наташа Гркова- Петрушевска