Арсенал и Борусија пред заеднички исчекор во осминафиналето
Ништо немаше да биде толку компликувано за тимот на Арсен Венгер, ако во минатиот дуел не прокоцкаше водство од три гола против Андерлехт. Двата премиерлигашки пораза од Свонси и од Манчестер Јунајтед потоа предизвикаа лавина критики и безброј прашања околу капацитетите на екипата...

Иако и едно едноставно реми на „Емирати“ во Лондон може да ги реши сите загатки, голема е привлечноста на вечерашниот судир меѓу Арсенал и Борусија Дортмунд. Ако избегне пораз од „милионерите“, наспроти загрижувачката форма во последниот период, уште на коло пред крајот од групната фаза Арсенал и петнаесетта година по ред ќе обезбеди настап во нокаут-сегментот од Лигата на шампионите. Нерешен резултат ќе значи сигурно прво место за Борусија на крајот од групата. Во случај на триумф, Арсенал ќе ги сочува шансите да заврши најдобар, но за тоа ќе му треба и голема помош од Андерлехт, којшто во последното коло би требало да направи чудо во Дортмунд.
Ништо немаше да биде толку компликувано за тимот на Арсен Венгер, ако во минатиот дуел не прокоцкаше водство од три гола против Андерлехт. Двата премиерлигашки пораза од Свонси и од Манчестер Јунајтед потоа предизвикаа лавина критики и безброј прашања околу капацитетите на екипата. Згора на се, повредениот Жиру се опорави од скршеницата на ногата многу порано од очекувањата, но вечер нема да игра бидејќи во септември не ни беше пријавен за групниот дел од шампионската лига. Лекарските проценки тогаш беа дека ќе паузира најмалку до Божик. Нови главоболки се повредите на Вилшер и на Шчесни, а од поодамна вон конкуренција се Озил, Волкот, Дебуши, Оспина и Диаби.
Ниту Јурген Клоп, којшто деновиве одново се поврзуваше како можен наследник на Венгер во Арсенал, не може да го состави најдобриот тим на Борусија. Во саботата Ројс ги скина лигаментите и го очекуваат нови два месеца пауза, а повредени се и Хумелс, Бендер, Шахин, Блашчиковски и Папастатопулос. Германскиот клуб е доминантен во елитната конкуренција со максимални четири победи и со само еден примен гол, но е застрашувачки слаб во Бундеслигата каде што е дури 16-ти на табелата со 19 бода помалку од водечкиот Баерн. Нема дилеми дека сезонава Европа ќе мора да биде главниот полигон за докажување.
Арсенал и Борусија се во иста група третпат во последните четири сезони, а Борусија славеше на „Сигнал Идуна Парк“ со 2-0 во првото коло. Од триумфот над Борусија во 2011, „топчиите“ имаат четири порази по ред на свој терен од германски екипи.
Мечот од 5.коло на групната фаза во ЛШ Арсенал-Борусија Дортмунд следете го во директен пренос на МРТ-1 вечер од 20.45.
