Доставена целата документација за извозот на земјоделските производи во Русија
Тоа е практично одговор на сомнежот од руска страна дека наводно преку македонски фирми бил вршен реекспорт на стоки од ЕУ во Русија...

Целокупната документација на државните институции што ја побара Руската федерална агенција за санитарна и фитосанитарна контрола уште во понеделникот била предадена во Москва, преку Македонската амбасада.
Тоа е практично одговор на сомнежот од руска страна дека наводно преку македонски фирми бил вршен реекспорт на стоки од ЕУ во Русија.
Ова го соопшти денеска владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, кој рече дека Владата во изминатата недела задолжила поголем број институции да извршат увид за проверка на фактичката состојба во врска со извозот на земјоделски производи во Руската Федерација.
„Целокупните материјали се предадени. Во нив се содржат определени позиции, ставови, мислења, аргументации и одговор на барањата што ги имавме од страна на Руската Федерација. Тие се доставени и во моментов трае процесот на комуникација и консултација со руската страна“, информира Ѓорѓиев.
Владиниот портпарол нагласи дека станува збор за една дипломатска активност каде од битно значење е почитување на принципот на доверливост.
