Доајенот на македонската музика Зафир Хаџиманов одбележува 55 години музичко творештво
Мојата порака кон светот е „залудно е да се држи говор за тоа колку сме убави и умни, колку убави песни имаме, колку сме горделиви патриоти, ако за тоа немаме доказ. Моето цеде ќе сведочи за мојата работа. Кога би му го дале на некого од Аљаска до ртот на Добрата надеж, ќе знае дека добил парче од Македонија“, заврши Хаџиманов...

Икона и книга со убавините на Македонија како подароци од министерката Канческа за доајенот на македонската музика Зафир Хаџиманов. За неговото 55 годишно творештво и 70 години живот. За сето она вредно музичко творештво што го остави за Македонија. Тешко е да се издвојат неколку песни од неговата богата музичка ризница. Зафир Хаџиманов како легендарно име на нашата сцена, како ретко кој друг има импозантна биографија со многубројни остварувања, успеси и награди.
„Ние коишто траеме од некои 58, 59, 60-ти години знаеме колку не беше лесно да се сними песна во тие дамнешни години во секој поглед на зборот“, рече Зафир Хаџиманов.
Зафир Хаџиманов во неговото творештво обедини повеќе уметности, како музиката, театарот, филмот книжевноста, а меѓу народот е познат и како доминантен кантавтор во светот на шансоните, испеана поезија од врвни поети. Цедето насловено по легендарната „Како Вардар“ го остава како белег за сето она што досега го творел.
„За секој од нас ќе биде еден вреден спомен кадешто можеме да слушнеме 19 негови песни“, рече Елизабета Канческа Милевска, министер за култура.
Мојата порака кон светот е „залудно е да се држи говор за тоа колку сме убави и умни, колку убави песни имаме, колку сме горделиви патриоти, ако за тоа немаме доказ. Моето цеде ќе сведочи за мојата работа. Кога би му го дале на некого од Аљаска до ртот на Добрата надеж, ќе знае дека добил парче од Македонија“, заврши Хаџиманов.
Александра Перевска
