Нов возбудлив вторник во Лигата на шампионите!
За последното коло да биде максимално компликувано, Манчестер Сити со 2:1 го совлада Баерн Минхен којшто претходно го обезбеди првото место во групата. Величенствениот меч и хет - трикот на Кун Агуеро ги оддржаа „граѓаните“ во игра...

Бројката на пласирани во осминафиналето на Лигата на шампионите од вчера се зголеми на осум, откако Челзи и Шахтјор им се придружија на Баерн Минхен, ПСЖ, Барселона, Порто и на Реал Мадрид и Борусија Дортмунд.
Драмата во групата Е почна во Москва. Рома на гостувањето кај ЦСКА пред празни трибини и на -10, имаше водство од 1:0 со голот на Франческо Тоти се до последните секунди кога Василиј Березутски израмни на конечни 1:1. Ефектот од рускиот гол најдобро го опиша Тоти кој рече дека чувтсвото било исто како да примиле удар од Мајк Тајсон.
За последното коло да биде максимално компликувано, Манчестер Сити со 2:1 го совлада Баерн Минхен којшто претходно го обезбеди првото место во групата. Величенствениот меч и хет - трикот на Кун Агуеро ги оддржаа „граѓаните“ во игра. Со неговиот пенал Сити поведе со 1:0 и имаше дополнителна предност затоа што при прекршокот за најстрогата казна беше исклучен Меди Бенатија. Врвниот квалитет, баварците го демонстрираа и со десет фудбалери и со погодоците на Чаби Алонсо и на Роберт Левандовски го префрлија резултатот во своја корист. Сепак, гостинските грешки му овозможија уште два гола на Агуеро и прва победа сезонава на екипата од синиот дел на Манчестер. Киксираа Алонсо и Жером Боатенг за 3:2 за англискиот шампион.
Со 12 бода Баерн е недостижен, другите екипи имаат по пет во пресрет на последното коло на 10 декември кога ЦСКА гостува во Минхен, а Рома и Манчестер Сити ќе играат меѓусебе на „Олимпико“.
Во групата Ф и пред петтото коло беше јасно дека единствената дилема е кој ќе биде прв. ПСЖ ја оддржа предноста од еден бод во однос на Барселона со победата против Ајакс со 3:1. Двоен стрелец за домаќинот беше Едисон Кавани, а по 463 минути гол постигна и Златан Ибрахимовиќ. За гостите погоди Дејви Клаасен.
Нова магија приреди Лионел Меси кој во триумфот на Барселона од 4:0 на Кипар против Апоел учествуваше со три гола. Аргентинецот сега е рекордер во елитното натпреварување со 74 погодоци и тоа пред двајца реаловци, некогашниот Раул Гонзалез со 71 и Кристијано Роналдо со 70. Во сенка на Аргентинецот остана првиот гол во дресот на каталонците на Луис Суарез. Поради црвени картони мечот предвреме го завршија Рафиња од Барса и Жоао Гилерме од Апоел.
Во последното коло парижани ќе гостуваат на Камп Ноу со цел да освојат барем бод и да ја приграбат првата привилигирана позиција во групата. Нерешено му одговара и на Ајакс во домашниот дуел со Апол за да продолжи во УЕФА Европа лигата.
На Челзи му беше доволен и бод на гостувањето во Гелзенкирехен за да обезбеди осминафинале, но лондонската екипа го прегази Шалке со 5:0. Головите беа креација на Џон Тери, Вилијан, Дидие Дрогба, Рамирес, а сопствената мрежа ја затресе Јан Кирхоф.
Победата на Челзи максимално ја икористи Спортинг кој дома го совлада Марибор со 3:1 и се искачи на втората позиција во групата Г. Важниот триумф го најавија Карлос Мане и Нани, автогол постигна Жеферсон, но тоа немаше влијание затоа што Ислам Слимани по трет пат го совлада Јасмин Хандановиќ. Македонскиот репрезентативец во дресот на Марибор, Агим Ибраими го одигра второто полувреме коешто доцнеше поради проблеми со рефлекторите на стадионот Жозе Алвеладе во Лисабон.
Челзи е сигурно прв без разлика на дуелот дома против Спортинг на којшто му е потребна победа за да не зависи од гостувањето на Шалке кај Марибор којшто е во игра само за Европа лигата. Португалците имаат седум, Германците пет, Словенците три бода.
Триумфот на Порто во Борисов кај Бате го однесе и Шахтјор на коло до крајот во нокаут фазата. Портигалците славеа со 3:0 со головите на Ектор Ерера, Џексон Мартинез и на Кристијан Тељо. Порто ќе заврши сигурно како најдобар во групата Х затоа што има 13 бода или пет повеќе од Шахтјор. Украинците загбија во Лвов од Атлетик со 1:0, но и бегаат четири бода на екипата од Билбао. Голот за прва победа сезонава на баскиците го постигна Сан Хозе.
До крајот, Порто и Шахтјор ќе играат на „Драгао“, додека Атлетик ќе влезе со бод предност во домашниот дуел со Бате Борисов којшто ќе реши кој ќе презими во Европа, но во УЕФА лигата.
