Владата ќе го унапредува системот за превенција од насилство

26.11.2014 15:09

Целта е да се оди чекор понапред во превенирање на ситуации каде може да се изврши насилство со употреба на оружје кое што се поседува од страна на едно службено лице...

Владата формира работна група, која во рок од 7 дена треба да излезе со конкретен предлог, како да се ограничи достапноста до оружје на лица, кои носат службено оружје, а против кои се покренати постапки за семејно или за друг вид насилство, до завршување на предвидената законска процедура.

Ова го соопшти денеска портпаролот на Владата на Република Македонија Александар Ѓорѓиев, кој истакна дека целта е да се оди чекор понапред во превенирање на ситуации каде може да се изврши насилство со употреба на оружје кое што се поседува од страна на едно службено лице, а кое што му е доделено согласно закон и согласно овластувањата што ги има за вршење на своите професионални задачи.

Формирана е посебна работна група од страна на Владата во која се вклучени претставници на Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и останати институции кои во рок не подолг од една недела треба да изготват информација и да ја известат Владата околу можностите за креирање нова законска регулатива во оние институции каде што таа не пости или, пак, унапредување и квалитативно засилување на постоечката законска регулатива, рече Ѓорѓиев.