Ден на жалост во Злетово- на убиецот требало да му се суди в понеделник!
Жителите на ова мало место не можат да се соземат од немилиот настан. Големата тага ги свила како соседи зашто велат четири гроба во исто време е премногу...

Знамиња на полукопје. Ден на жалоста во општина Пробиштип. Злетово е сеуште во шок. Жителите на ова мало место не можат да се соземат од немилиот настан. Големата тага ги свила како соседи зашто велат четири гроба во исто време е премногу. На двата краја на селото во три куќи пристигнуваа за да им изразат сочувства на семејствата на убиените, ама и на семејството на оној што ги уби и се самоуби. Не биле никогаш во потешка положба ниту како соседи ниту како граѓани
„Трагедија голема... Многу лошо... Не е убаво ова“, велат злетовчани.
Свирепата драма ја потресе јавноста. Убиецот сметаа повеќето не бил на време спречен, иако веќе имал две кривични пријави во штипскиот основен суд. Едната ја поднесла неговата сопруга поради нанесени телесни повреди, но во јуни ја повлекла. Другата била за нанесена тешка телесна повреда на човекот за кога сметал дека е љубовник на неговата сопруга. За тоа дело постапката била почната. Убиецот требал да се јави на суд на први декември.
„Драганчо се јавува како обвинет, а како оштетено одредено лице од село Злетово. Драганчо се обвинува за нанесување тешка телесна повреда. Закажана и водена е главна расправа, со тоа што таа не е завршена, и истата требало да продолжи на 01.12.2014 година. Доколку на таа расправа би биле изведени сите докази, тогаш судот би донел соодветна одлука“, изјави Стојан Михов, судија во штипскиот Основен суд.
За вакво дело Манаилов би се соочил со казна затвор од шест месеци до пет години затвор. Би го изгубил угледот и работата. Упатените токму ова го споменуваат како можен мотив зошто тој посегнал по оружјето и го извршил грозоморното дело. И од судот велат дека минимални биле шансите тој да се спаси од казната затвор и да добие условна казна.
Фиљана Кока
