Победа на Атланта Хокс на Перо Антиќ
Атланта Хокс го доби првиот напревар против домаќинот Вашингтон Визардс. Со ова иако Визардс се на прво место во југоисточната дивизија на НВА, Атланта Хокс се доближи до водечката позиција. Тренерот на Хокс вели се фокусираме на напревар по напревар, а целта секако е плеј-офф. Како и секаде каде што гостува тимот на нашиот Перо и во Вашингтон го бодреа Македонци.

Клучна победа на Атланта Хокс во Вашингтон. Атланта Хокс-Вашингтон Визардс 106:102. Со седум победи и 5 порази, Атланта Хокс на нашиот Перо Антиќ ги подобри шансите за подобар пласман. На прашањето од Македонската телевија, дали оваа сезона ќе се оди на плеј-офф, тренерот на Хокс одговори.
„Секој ден се подобруваме се повеќе. Работиме на подобруваме поединечно и како група. Успехот ќе следува кога ќе дојде време. Се фокусираме повеќе на секојдневниот процес, напревар по напревар“, рече Мајк Буденхолзен, тренер на Атланта Хокс.
Задоволен од почетокот на сезоната во НБА е и центарот на Хокс, Перо Антиќ. Во просек со по 5 поени од напревар, Антиќ е еден од најефикасните играчи во Атланта Хокс.
„Очекување? Еден чекор понапред.Да ја поминеме првата рунда на плеј-офф, да бидам здрав и жив без повреди, и се надевам на крај од година да потпишам некој нов договор или тука или во Европа“, рече Перо Антиќ, играч на Атланта Хокс.
Перо играше во речиси целиот напревар против Визардс во Вашингтон, а бурно од трибините како и секогаш го бодреа поголема група Македонци. Дури и Американците веќе го препознаваат македонското знаме и знаат дека тоа се фановите на Перо.
„Моите соиграчи учат, најмногу Мајк Скот знае за Македонија. Сите го знаат знамето, се распрашуваат за Македонија. Да бидам искрен, тие први и ги здогледуваат знамињата и велат, Еј ене ги твоите, и мавтаат. Не почувствувале нешто такво, тоа е нешто ново за нив. Се чувствувам супер бидејќи се интересираат за Македонија“, рече Перо Антиќ, играч на Атланта Хокс.
Дваесетина Македонци по напреварот се сретнаа со Перо Антиќ и секако не ја пропуштија шансата за фотографии и автограми од првиот Македонец во НБА лигата. Ми најавија спектакуларен пречек со македонско оро и македонската химна на 16-ти декември во Торонто, ни откри Перо на заминување од Вашингтон.
Атланта Хокс е на трето место во југоисточната дивизија на НБА.
Ирина Гелевска
