Претседателот Иванов го одликува американскиот Мировен корпус со медал за заслуги
Амбасадорот Васко Наумовски им го предаде медалот на претставници на мировниот корпус и на Стејт Департментот на церемонија во македонската амбасада во Вашингтон. Поддршката за Македонија и натаму ќе продолжи, изјави директорот на Стејт Департментот за Југоисточна и Централна Европа, Томас Јазгерди...

Над 15 илјади волонтери на Американскиот Мировен корпус во изминативе две децении престојувале во Македонија. За својот придонес, тие се одликувани од претседателот Ѓорге Иванов со медал за заслуги.
„Орденот се дава за заслуги за унапредување на соработката меѓу Соединетите Американски Држави и Република Македонија, како и за нивниот исклучителен ангажман во македонското опшество. Се надеваме дека со овој орден оваа организација и понатаму ќе продолжи да работи во Република Македонија и да се радуваме на сите наши заеднички успеси во иднина“, изјави амабасадорот на Република Македонија во САД, Васко Наумовски.
„Ви благодарам г-не амбасадоре и до Претседателот голема благодарност за прекрасната награда за Американскиот Мировен корпус. Ние порано не сме добиле ваков орден и навистина е голема чест. Го потврдува партнерството и соработката меѓу нас и луѓето во Македонија и тоа ќе продолжи и во иднина“, рече Кери Лаури, регионален директор на Американскиот мировен корпус.
Одличните билатерални односи на Република Македонија и Соединетите Американски Држави ќе продолжат и во иднина, изјави Директорот на Стејт Департментот за Југоисточна и Централна Европа, Томас Јазгерди, кој присуствуваше на церемонијата на доделување на медалот во македонската амбасада во Вашингтон.
„Има многу силно партнерство меѓу Соединетите Американски Држави и Македонија. Многу сме задоволни да присуствуваме на примањето на оваа чест за Американскиот Мировен корпус. Ние сметаме дека е многу силно партнерство и се разбира ја поддржуваме евроатланската интеграција на Македонија. Знаеме дека има уште незавршена работа што треба да се заврши, особено мислам на спорот со името, но мислам дека нашето партнерство е силно и во иднина сакаме да стане уште посилно“, вели Јазгерди.
Во моментов во Македонија има 70 волонтери на Американскиот Мировен корпус, а 40 волонтери се во последна фаза на подготвки и наскоро ќе пристигнат во македонските градови кадешто се распоредени.
Волонтери на Американскиот Мировен корпус се присутни во Македонија веќе 18 години.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
