Македонските и српските текстилни компании заедно до европски партнери

27.11.2014 11:50

Од Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на РМ посочуваат дека Македонија и Србија се меѓу најповолните дестинации за брза испорака на мали серии до европските производители на брендирана облека...

Текстилните компании од Македонија и Србија ќе се вмрежуваат со цел последно да го освојат европскиот пазар. Од Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на РМ посочуваат дека Македонија и Србија се меѓу најповолните дестинации за брза испорака на мали серии до европските производители на брендирана облека.

Токму поради тоа, денеска во Белград се одржуваат средби помеѓу македонски и српски компании од областа на текстилната индустрија. Целта на настанот е претставување на македонските текстилни производители на пазарот во Србија и остварување контакти со текстилни компании.

„Секторот текстил и облека е една од најважните индустриски и извозни гранки на Република Македонија. Стратешкото значење доаѓа од големината на извозот кој овој сектор го креира (400 милиони евра годишно), од бројот на луѓе кои ги вработува (40.000) и од значајното учество во индустрискиот БДП на Македонија (17%). Целта на настаните е вмрежување на компании производители на текстил и облека од двете земји и остварување контакти од кои ќе произлезе конкретна соработка. Македонскиот текстилен потенцијал беше претставен  од страна на учесниците на настанот - производители на женска и машка горна и дола облека, џинс и фротир“, изјави Наташа Сивевска, извршен директор на Текстилниот кластер.

Вмрежувањето на компаниите е потребно со цел да се презентира поголем вкупен капацитет за производство пред европските партнери. Вмрежувањето е корисно и заради отворање дискусија за понапредни облици на соработка, како заеднички развој, брендирање и настап на трети пазари, соопштуваат од Агенцијата за странски инвестиции.

Денешниот настан е еден во низата секторски B2B настани кои Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот ќе ги организира во соработка со Стопанската Комора на Србија.