Изложба „Трансфигурирање“ за две децении дипломатски односи меѓу Македонија и Чешка

27.11.2014 11:59

Изложбата, на која се поканети голем број гости и претставници на дипломатскиот кор, претставува централна активност во одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи со Чешката Република...

Министерката за култура Елизабета Канческа- Милевска и министерот за култура на Чешката Република, Даниел Херман, вечер во престижната галерија на Чешкиот центар во Прага свечено ќе ја отворат изложбата „Трансфигурирање“ на Националната галерија на Македонија.

Изложбата, на која се поканети голем број гости и претставници на дипломатскиот кор, претставува централна активност во одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи со Чешката Република во чии рамки, во текот на целата година, беа презентирани повеќе културни содржини.

Канческа-Милевска денеска ќе оствари и билатерална средба со својот чешки колега, на која ќе разговараат за интензивирање на соработката во областа на културата меѓу Република Македонија и Чешката Република, соопштуваат од Министерството за култура.

На изложбата „Трансфигурирање“, чиј куратор е Ана Франговска, се презентирани дела од реномирани македонски уметници, припадници на различни генерации, меѓу кои се: Јован Шумковски, Ѓорѓе Јовановиќ, Ирена Паскали, Велимир Жерновски, Мирна Арсовска, Марија Сотировска, Игор Тошевски, Нада Прља, Игор Сековски, Антони Мазневски, Борис Шемов и др.

Претставувањето на македонската современа визуелна сцена во чешката престолнина следува по реализацијата на изложбата на реномираните чешки уметници Петра Јовановска и Јиржи Кованда во Националната галерија на Македонија.