Нова германска инвестиција во ТИРЗ Струга- Охрид

27.11.2014 15:33

Уште три други заинтересирани компании за инвестирање во охридско-струшкиот регион...

Германската ОДВ Електрик веќе регрутира лица за вработување, а за две недели очекуваме информација од втора германска компанија за тоа дали фабриката ќе ја гради во ТИРЗ Струга - Охрид или пак ќе ги користи капацитетите на ЕМО, изјави денеска премиерот Никола Груевски одговарајќи на пратеничко прашање. 
 
Информира дека има уште три други заинтересирани компании за инвестирање во охридско-струшкиот регион. 
 
„Околу една година ние работиме со две германски фабрики во смисла на нивно доаѓање во охридско-струшкиот регион и отворање свои капацитети кои ќе вработат поголем број лица. Едната од нив, ОДВ Електрик во април го објави своето влегување во Македонија и веќе започна да регрутира вработени. Четириесетина вработени се ангажирани во браунфилд инвестиција односно во постоечка хала со намера да изгради голема фабрика во ТИРЗ Струга-Охрид каде што планираат да работат поголем број луѓе“, одговори Груевски на прашањето на пратеникот Александар Николовски, кој пренесе прашање на граѓани од овој регион. 
 
Втората компанија, која исто така доаѓа од Германија, посочи Груевски, е во завршна фаза на одлука каде точно ќе ја изгради фабриката или ќе се стационира. 
 
Дали тоа ќе биде во просториите на ЕМО или во ТИРЗ Струга-Охрид. Претседателот на нивната компанија пред два дена беше кај мене заедно со други министри и ми кажа дека отприлика за две недели би требало компанијата да ја донесе одлуката дали ќе се стационираат во просториите на ЕМО или пак во ТИРЗ, изјави премиерот. 
 
Не постојат дилеми, вели Груевски, дали тие ќе инвестираат во охридско - струшкиот регион, туку дали тоа ќе биде во просториите на ЕМО или во ТИРЗ.