„Арчелор Митал“ со нови инвестиции во Македонија
„Арчелор Митал“ со нови инвестиции во земјава кои ќе донесат и нови работни места. Менаџментот најавува зголемени производство и извоз, и потесна соработка во локалните компании. МТВ влезе во погоните кои работат под полна пареа...

„Арчелор Митал“ крои нови инвестициски планови. Компанијата ги зголемува производствените капацитети, со што ќе се отворат и нови работни места. Првиот човек на фабриката во Скопје, за МТВ, ги открива деталите од новата бизнис - стратегија.
„Во моментов, во нашата фабрика работат околу 500 луѓе. Планираме да инвестираме шест милиони евра во наредните три години, тоа е предвидено со нашата стратегија. Сакаме во идната година да го зголемиме капацитетот на една од нашите производствени линии“, изјави Хуан Педро Хименез Наваро, директор на компанијата во Скопје.
Зголеменото производство се должи на зголемата побарувачка од странските пазари, во прв ред од Грција. Компанијата, која се вбројува меѓу петте водечки извозници од земјава годинава одбележува јубилеј – 10 години од почетокот со работа во Македонија.
„Во изминатите 10 години имаме инвестирано 100 милиони евра. Пред две недели го зголемивме капиталот за 70 милиони евра и тие ќе се прикажат како странски директни инвестиции во земјава. Ова е навистина голем износ“, нагласува Наваро.
Директорот Наваро, кој е и претседател на Советот на странски инвеститори во земјава, бара потесни врски со локалните фирми.
„Во моментов околу 400 компании директно се вклучени во нашата работа. Овде влегуваат компании поврзани со нашиот производствениот процес, со одржувањето на опремата, купувачите, транспортерите. Ние, преку Советот на странски инвеститори, ова искуство им го пренесуваме и на другите компании“ вели првиот човек на „Арчелор Митал“ во Скопје.
Советот на странски инвеститори во моментов ја подготвува „Белата книга“, која на почетокот од 2015-та ќе биде доставена до властите. Во неа ќе бидат содржани препораки за дополнително подобрување на бизнис – климата.
Мартин Пушевски
