Македонија- попатна станица за бегалците од Блискиот Исток
Мигрантите честопати кога ќе бидат приведени од полицијата се пријавуваат како азиланти. Но, за голем дел од нив Македонија не е крајната дестинација. Подобар живот гледаат во западноевропските земји...

Децата безгрижно си играат во дворот, додека нивните родители загрижено гледаат во неизвесната иднина на хоризонтот. Прифатниот центар во Визбегово е привремено решение за 60 - ина Сиријци, Авганистанци, Пакистанци и Сомалијци. Сите тие чекаат да им се прифатат барањата за азил или да бидат депортирани во земјата од кадешто дошле.
„Јас сум од Авганистан. Ни требаа три месеци за да дојдеме овде. Во Центарот сме една недела. Побарав азил за мене и за моето семејство“, вели жителка на Авганистан.
Средовечен пакистанец кој ни е се претстави како Ахмет, го спакувал голиот живот во еден куфер, ги зел за рака сопругата и малолетните деца и тргнал да си ја бара среќата на некое поубаво место.
„Ќе одам во странство, во Германија. Имав политички проблеми и затоа ја напуштив мојата земја. Македонија не ни дава лесно пасоши и документи и затоа ќе одиме во друга земја“, вели Ахмет од Пакистан.
Топли соби, храна, чиста облека и средства за хигиена, толку може да понуди Центарот додека да се реши статусот на овие луѓе.
Мигрантите честопати кога ќе бидат приведени од полицијата се пријавуваат како азиланти. Но, за голем дел од нив Македонија не е крајната дестинација. Подобар живот гледаат во западноевропските земји.
Овде никој не ги држи во притвор. Може да заминат кога ќе посакаат.
Центарот е отворен во 2008-та. Оттогаш низ него минале околу 4.000 луѓе. Само годинава 850-мина.
„Не е проблем да ги средат документите, но никој од нив не сака да го направи тоа. Многу често без најава, без наше знаење тие си заминуваат од Ценатарот, ја поминуваат северната граница и продолжуваат онаму кај што наумиле да го завршат своето патување“, вели Страшо Ангеловски, директор на Прифатниот центар во Визбегово.
Најдолго се задржуваат Пакистанците – по неколку месеци, а најкратко Сириците, по неколку дена.
Анита Димитријевска
