Преку стручно образование и пракса полесно до вработување

27.11.2014 17:06

Странските компании отвораат нови работни места. Инвеститорите имаат потреба од квалификувани работници кои ги поседуваат потребните вештини. Вработените ги праќаат на обуки во странство, а за младите – ги отвораат вратите за практично учење...

Менаџерите од германската компанија „Дрекслмаер“ гледаат огромен потенцијал во своите вработени и постојано инвестираат во нивно дообучување.

Најавија дека во следните три години ќе ги отворат вратите за 20 – ина средношколци од Кавадарци, а тимови од компанијата ќе им дадат стручна едукација.

„Кога ќе се погледне компанијата Дрекселмаер во Македонија и кога ќе се погледнат резултатите кои се добиени за овој краток период и што се е направено за оваа компанија, тоа е навистина фасцинантно. Навистина сме презадоволни и како функционира компанијата и од вработените“, рече Барбара Гербер, раководител на сектор за практична едукација во Дрекслмаер.

На конференција во Скопје заклучокот беше дека стручното образование и праксата треба да бидат повеќе застапени во Македонија. Пораката до работодавачите е и тие да се вклучат во процесот и да ги подготват за пазарот на труд. Германските искуства покажуваат дека на ваков начин голем број на млади добиле работно место.

„Младиот човек кој сака да се едуцира треба да има потпишано договор со некоја компанија, тој потоа оди во компанијата каде што се стекнува со стручната едукација, меѓутоа исто така продолжува и со посета на државно училиште“, рече Мартин Кнап, директор на Германската стопанска комора во Македонија.

Државните институции тврдат дека стручното образование е меѓу приоритетите.

„Ако ние обезбедиме квалитетно стручно образование во период на нивно образование, а со тоа и стекнување на доволно искуство преку практична работа и активност во периодот додека учат, тие по завршување на средното образование или ќе продолжат онаму каде што биле претходно активни или многу полесно ќе најдат работа“, рече Спиро Ристовски, заменик министер за образование и наука.

Младите не сакаат да работат во кожарската и текстилната индустрија, овие струки за нив се неатрактивни покажуваат анализите на министерството за образование.

Викторија Тодоровска