Патници или фантоми: Бегалци од Блискиот Исток низ македонските автобуси
Од Сирија, Авганистан, Ирак преку Балканот во Европа. Некој ќе успее, некој ќе се врати, а на некој ќе му заврши патот. Екипата на Македонската телевизија денеска ги сретна мигрантите на меѓуградската автобуска постојка во Скопје. Генерално се млади луѓе. Не признаваат дека бегаат од војните. Велат одат кај пријатели...

Едни пристигнуваат, други заминуваат. Во автобуси со различна дестинација.
-Од каде сте? - „Од Истанбул“, ни одговори едно младо момче.
-Каде одите? - „Во Куманово.“
-Зошто одите таму? - „Таму имам пријател, а таму се и некои членови од моето семејство, па одам да ги видам“, вели момчето.
-Ќе бараш работа таму? - „Не онака само за забава ...“
Патници или фантоми, со или без име и презиме. Со една цел да се замине во Европа, подалеку од ужасот на војната. Се сретнавме очи в очи со нив, млади момчиња, некои добро снаодливи други дури не можат да комуницираат. Не ни ја открија вистината, ама љубезно ни одговорија, оделе кај пријатели во Куманово.
-Дали сте од Сирија? – Не од Авганистан сум, вели уште еден патник.
-Од каде сте ? – од Авганистан. Каде одите? - Одам во Куманово.
-Зошто? - Затоа што мојот пријател живее во Куманово, вели уште еден случаен патник.
Има и такви чие патување е цела вечност или, пак, неизвесност. Бегалците од Сирија најчесто пристигнуваат од Гевгелија, а заминуваат за Куманово. После железничкиот најпретпочитан им е автобускиот превоз.
„Кога има полиција, веднаш ги симнува“, потврдува шофер на автобус на релација Скопје- Куманово.
„Во Куманово ги чекаат и најверојатно ги носат накај Лојане“, вели кондуктер во автобус на релација Скопје- Куманово.
Ако претходно биле позабележливи бидејќи се движеле во групи сега тешко е да ги препознаете. Откако ќе го извадат билетот уредно, тие заминуваат на своето патување.
„Досега сме немале некои инциденти со патниците. Обично кога има групи информирана е и полицијата, прави контроли, ги евидентира, ги симнува, тоа е веќе нивна работа“, изјави Душко Јовановски, раководител на „Руле Турс“.
Неколкумина не ја завршија својата мисија по подобар живот. Ги оставија своите животи на праговите од пругата гевгелија скопје. Бегајќи пред законите, преуморени и дезориентирани, движејќи се на опасен терен.
Од Македонски железници мака мачат со бегалците од Сирија. И покрај тоа што се преземени сите мерки, бегалците продолжуваат да се движат на простор на отворена пруга.
Македонија е само една од транзитните дестинации на бегалците од воените жаришта на средниот исток.
Фиљана Кока
