МПК: Единствената пречка за почеток на преговорите со ЕУ е проблемот со името
Мешовитиот парламентарен Комитет Република Македонија – Европска Унија ќе се стреми да најде решение за одложувањето на датумот за почеток на преговорите. На состанокот стана збор за односите Европска Унија – Република Македонија, политичката ситуација во земјата по парламентраните избори во 2014, владеењето на правото, реформите во судството и во јавната администрација, слободата на изразувањето и медиумите, добрососедските односи, економскиот и финансискиот развој на земјава...

Во дводневната дебата посебно беше истакнат фактот дека Европската комисија препорача почеток на преговите за Република Македонија, но и дека констатирала назадување во некои од процесите.
Затоа во заедничката декларација потпишана од копретседавчите Кенан Хасипи во името на македонското Собрание и Алојз Петрле во име на Европскиот парламент, покрај тоа што се подвлекува важноста на меѓупарламентарните контакти и дискусии се нагласува дека:
„Мешовитиот парламентарен Комитет ќе се стреми да даде вистински придонес во процесот на пристапување и укажуваат на тоа дека тие ќе ги стават сите свои напори за подобрување на севкупниот политички контекст, како и за изнаоѓање на излез од сегашното тековно дложување на процесот на проширување.“
„Евидентно беше дека овој пат имавме сериозна поддршка од голем број на европратеници, дури сметам дека претставниците на Грција останаа осамени во нивните ставови. Предоминираше идејата да се отворат преговорите и паралелно во меѓувреме да се решава спорот со името “, вели копретсдателот Кенан Хасипи.
Во дебатата се слушнаа и разлики меѓу членовите на Комитетот, околу перцепцијата за темите кои се дискутираше, како на пример за слободата на изразување и медиумитеили исполнувањето на условите од Копенхаген. По префрлувањето на грчката европратеничка Мариа Спираки на сметка на Антонио Милошоски дека го развеал македонското знаме на Олимп, дојде до предлог членовите на Комитетот, тие што можат заеднички да планинарат до Олимп и таму да ги развејат трите знамиња: грчкото, македонското и европското, како симбол на заедничка сегашност и иднина.
Другиот копретседател Алојз Петрле смета дека дводневниот дијалог е добра основа за понатамошната работа.
„Задоволен сум што дојде до состанокот на почетокот на мандатот на новиот парламент. Имавме отворен и конструктивен дијалог разменивме многу мислења на многу инетнезивен начин. Ние сакаме, а тоа е и нашата главна порака, да работиме во полн состав и главната опозициска партија во македонскиот парламент се врати и да соработува на конструктивен начин“, рече Петрле.
Враќањето на опозицијата во Парламентот според европратениците е многу важно. Во таа смисла, со заедничката изјава, тие ја охрабруваат владата и опозицијата да се осигураат дека политичката дебата се одвива во парламентот, како предуслов за отворен и конструктивен дијалог и постигнување конкретни резултати.
„Јас сум задоволен и тоа задоволство гледам го делат и членовите на Комитетот од македонска страна и поголемиот дел од европратениците“, констаира Хасипи.
Иако МПК заврши без усвојување на препораки, сепак, главниот заклучок е дека единствената пречка за почеток на преговорите за членството на Република Македонија во ЕУ, претстваува нерешениот проблем со името со Република Грција.
Тони Гламчевски
