Започна шопинг треската во САД
Околу 140 милиони Американци се пуштија во шопинг пред Божиќ. Најмногу се бараат електронски производи, апарати за домаќинството и автомобили. Последните анализи на пазарот покажуваат дека оваа година ќе има зголема потрошувачка за 4 проценти во однос на минатата година, но обичните Американци се уште се претпазливи како ги трошат своите долари...

Почна потрошувачката треска во Америка. Првата поголема распродажба за Божиќ е таканаречениот Црн петок, што почнува вечерта на празникот Ден на благодарноста, кога редици луѓе чекаат продавниците да ги отворат вратите за да купат поевтини производи. Оваа година цените на производите се спуштаат за околу 50 проценти. Иако економијата е подобрена, Американците не планираат да трошат многу на подароци за Божиќ.
„Имам три деца и најверојатно за секое од нив ќе потрошам по 250 долари.“
„Од Дедо Мраз оваа година сакам разни работи. Сакам шопинг и облека и сертификати за разни подароци.“
„Се надевам нема многу да потрошам, околу 200 долари за тоа што планирам да го купам за подароци.“
„Нема да трошам многу“, велат потрошувачите кои случајно ги анкетиравме.
Оваа година, најбарани производи на распродажбите се електроника и автомобили. Мажите купуваат автомобили што се многу поевтини поради намалената потрошувачка по аферата со неисправни заштитни воздушни перничиња.
„Барам да купам елетроника. Сакам да купам Ајпад мини што се нуди за 99 долари. Можеби и телевизор од 199 или 179 долари.“
„Има премногу гужва на распродажбите, не се стигнува до продавниците и затоа не купувам така. Не сум баш некој купувач и не сум сигурен дали некоја понуда е добра. Два дена пред Божиќ одам да купам тоа што ќе го најдам во продавниците“, велат дел од потрошувачите.
Побарувачката за облека е намалена, па продавниците нудат купи едно земи две. Најмногу се продаваат детски играчки, лап- топи, мобилни телефони и апарати за домаќинството.
Оваа година Американците ќе потрошат 617 милијарди долари за божиќни подароци.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
