Шумите и браните- сигурен систем против речни поплави
Со контролирано испуштање на вода, излевањето на реката Тополка во Велес е спречено по последните врнежи од дожд. Колку се почисти речните корита, толку е побезбеден протокот, велат надлежните, со апел до локалните власти, да ги исполнуваат обврските, а граѓаните да не фрлаат смет во водата...

4.500 литри вода во секунда- толку деновиве во коритото на реката Тополка се испушта од акумулацијата Лисиче. Со контролираното испуштање вода, штетите од излевањето на Тополка, по последните врнежи, беа сведени на минимум. Според измерените параметри во критичните денови влезот на вода во акумулацијата бил 24 метри кубни во секунда, наспроти 5-те кои ги испуштале.
„Во моментов браната Лисиче има на располагање слободен акумулативен простор од околу 8 милиони метри кубни кои се доволна гаранција реката Тополка да не се излее од нејзиното корито освен во делот каде се слива Врановска и Мелничка река“, рече Бобан Пановски директор на ЈП Лисиче.
Врановска, Мелничка и Кривокрушка се реки понорници што оваа есен постојано се со висок водостој. Познавачите на состојбите тврдат дека токму тие се причина за излевање на Тополка.
„Многу вода имаше, реките проблематични излегоа, се излија од коритата, направија доста штети, поплавија и земјоделски површини“ велат мештаните.
Колку почисти речни корите, толку побезбеден водотек. Очеквањата се дека наредната година ЈП ќе добие средства за чистење на коритото на Тополка.
„Проект вреден милион и двеста илјдаи денари кој се надеваме ќе биде усвоен и ќе го реализаираме во 2015 година, а кој ќе придонесе за чистење на речното коирито на Тополка со што дополнително ќе имаме заштита од излевање“, вели Пановски.
Шумите и браните се единствениот сигурен систем за намалување на можноста од речни поплави.
Акумулацијата Лисиче е проектирана да собере 24 милиони метри кубни вода. Ова езеро започна да се полни во 2007-та година.
Од тогаш до денес ова е прво сериозно излевање на Тополка од речното корито.
Дијана Иванова
