Војдан славеше со Алба, Реал и Макаби поразени на свој паркет
Европскиот првак Макаби во дербито од “Б“ групата убедливо загуби од ЦСКА со 61 : 84 и ја забележа седмата победа во исто толку натпревари...

Од шесте натпревари синоќа во 7 коло во кошаркарската Евролига највпечатливи се поразите на актуелниот шампион Макаби и на финалистот Реал Мадрид. Уникс Казан го приреди најголемото изненадување совладувајќи го Реал во Мадрид со 85 : 75. По израмнетото прво полувреме кое “Кралевите“ го добија со 4 поени предност, решавачка беше третата четвртина во која рускиот клуб доминираше со 26 : 15 и до крајот на мечот не дозволи резултатски приклучок. Тандемот американци Фишер со 25 и Џерелс со 23 поени, притоа и двајцата со по 8 скокови беа најзаслужни за победата, додека кај домашните најефикасен беше Родригез со 12 поени. И покрај вториот пораз сезонава Реал останува лидер со 5 победи во “А“ групата, а Уникс ја оствари третата победа, колку што имаат и Жалгирис и Нижњи Новгород.
Европскиот првак Макаби во дербито од “Б“ групата убедливо загуби од ЦСКА со 61 : 84 и ја забележа седмата победа во исто толку натпревари. Рускиот тим поведе со двоцифрена разлика уште по првите 10 минути, која до крајот само ја зголемуваа. Вимс беше најефикасен со 19 поени, а Каун придодаде 15, а кај Макаби Смит беше најдобар со 14 поени. Алба Берлин победи минимално против Уникаха Малага со 79 : 78 со одличен последен период кој го добија со 26 : 17. Рединг беше најдобар стрелец со 17 поени, а Стојановски придонесе со 2 поена за 5 минути и 44 секунди игра. ЦСКА е тешко достижен лидер со скор од 7 – 0, пред Уникаха и Макаби со по 4 – 3, а Алба Берлин се зацврсти на 4 место со третата победа сезонава.
Во “Ц“ групата Фенербахче беше убедлив над Туров со 89 : 74 за нивна 5 победа годинава и второ место на табелата, додека полскиот тим го претрпе шестиот пораз и останува на последното место. Во “Д“ групата две убедливи победи на домаќините. Ц. Звезда славеше над Нептунас со 79 : 62, а Лаборал против Олимпијакос со 89 : 70. Тимот од Пиреја останува лидер со 6 победи и еден пораз, пред Ц. Звезда со 4 – 3, додека Лаборал и Нептунас се со по 3 победи и 4 загубени мечеви досега.
