Попоски: Нема сигнали дека Грција сака да ја отстрани блокадата

28.11.2014 12:51

Попоски истакнал дека повторување на грчката блокада на Европскиот Совет во декември не ја подобрува состојбата за процесот на проширување...

Нема сигнали дека Грција сака да ја отстрани блокадата, изјави министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, кој изутрината имаше работен појадок со амбасадорите на земјите-членки на Унијата во Брисел.

Попоски истакнал дека повторување на грчката блокада на Европскиот Совет во декември не ја подобрува состојбата за процесот на проширување.

Повторувањето на оваа рецепта не води кон зголемена веројатност, кон зголемена динамика за правење исчекор и почеток на преговорите. Таа одлука е неопходна. Мислам дека Европската комисија упати многу јасни пораки, дека има очекувања во Република Македонија за реформите, но исто така има очекувања и од сите земји членки, особено од онаа која е клучна за нас, да помогне во придвижувањето на овој процес, изјави шефот на дипломатијата за МРТ.

Попоски рече дека на средбата било разговарано и за пристапниот дијалог на високо ниво и за сите реформи во тој дел кои треба да се спроведат. Пораки биле упатени и во однос на политичкиот дијалог, односно присуство на сите актери, особено на оние кои во моментов се отсутни од Собранието, да ги почитуваат институциите и да бидат контруктивен дел од европската агенда во Македонија.