Македонија 9-та во светот по трансплантации од жив донор

28.11.2014 13:59

Надлежните велат, во светски рамки процентот на компликациите е околу 10 насто. Намалени се, времетраењето на трансплантациите и листата на чекање...

Македонија е 9-та на листата во светот по трансплантации на бубрег од жив донатор. Денеска од мајка на син се извршува 38-та трансплантација за оваа година. Надлежните велат, во светски рамки процентот на компликациите е околу 10 насто. Намалени се, времетраењето на трансплантациите и листата на чекање.

Ова е само показател дека во последните три години има зголемување на бројот на трансплантации од жив донор. Ако во последните 30 години имавме направено вкупно 308 трансплантации на бубрези од жив донор, само во изминатите три години бројката на трансплантирани органи е 92, што значи дека секоја година имаме се повеќе трансплантации, посочи д-р Азпасија Софијанова, национален координатор за трансплантација.

Нагласи дека во време кога прават напори да заживее кадаверичната трансплантација среќни се како тим што на светската мапа за донирани органи и трансплантација сме забележани и како земја со голем број трансплантации од жив донор.

Сашо Дохчев од тимот за трансплантација на Клиниката за урологија рече дека според нивото на компликации кое изнесува 10 отсто, Македонија се движи во светски рамки што, според него, значи дека најголемиот број трансплантации се успешно извршени.