Уште една кривична пријава за поранешниот градоначалник на Охрид
Како што стои во соопштението од СВР – Охрид, Петрески во периодот од декември 2012 до март 2013 година во својство на градоначалник на општина Охрид, во пресрет на Локалните избори 2013, противправно склучил 165 договори за времени вработувања и вработувања со договори на дело ...

Полицијата покрена уште една кривична пријава против поранешниот градоначалник на Охрид, Александар Петрески, поради постоење основа за сторено дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Како што стои во соопштението од СВР – Охрид, Петрески во периодот од декември 2012 до март 2013 година во својство на градоначалник на општина Охрид, во пресрет на Локалните избори 2013, противправно склучил 165 договори за времени вработувања и вработувања со договори на дело без за тоа да постои каква било оправдана или издржана потреба.
Тоа го направил без претходно да има соодветни писмени барања од страна на раководителите на сектори и другите организациски единици во рамките на општинската адмистрација, без да постои соодветна систематизација донесена во законски пропишана постапка и без да биле обезбедени доволно средства во буџетот на општината Охрид.
Со таквата постапка биле надминати предвидените буџетски средства на општината за 1.146.542 денари во 2012 година и за 2.297.574 денари во 2013 година.
Со тоа пријавениот ги пречекорил границите на неговите службени овластувања и ги прекршил одредбите од Законот за работни односи, со што и нанесол вкупна материјална штета Општина Охрид во износ од 5.650.496 денари.
