Тринаесет екипи веќе во 1/16-финалето
Меѓу 13-те вкупно за коишто се знае дека напролет ќе продолжат во нокаут-фазата не е ниту една од оние во кои настапуваат македонските интернационалци...

Девет екипи ја завршија синоќешната фудбалска вечер како сигурни 1/16-финалисти во фудбалската Лига Европа, на коло пред крајот од групната фаза. Меѓу 13-те вкупно за коишто се знае дека напролет ќе продолжат во нокаут-фазата не е ниту една од оние во кои настапуваат македонските интернационалци. Динамо Загреб на Аријан Адеми и Локерен на Бесарт Абдурахими ги загубија шансите, додека се уште во игра е Карабах на Муарем Муарем. За сигурен пласман понатаму на азербејџанскиот тим ќе му треба победа над Интер во последното коло.
Феенорд го презеде водството и обезбеди најмалку второ место на крајот во групата Г со триумфот од 2-0 над Севиља во Ротердам. Со головите на Торнстра и на Ел Ахмади поранешниот европски првак му ја отежна задачата на бранителот на титулата, којшто во завршниот меч на се или ништо ќе мора на свој терен да ја победи Риека.
Тотенхем го совлада Партизан со 1-0 со голот на Стамбули во мечот којшто трипати беше прекинуван поради влегување навивачи од трибините. Ќе ја мине групата Ц заедно со Бешикташ, којшто одигра нерешено 2-2 кај Астерас. Меѓусебниот дуел во Истанбул ќе реши кој ќе биде прв, а кој втор.
Бидејќи трофејот во Лига Европа носи пласман во Лигата на шампионите, сезонава ова натпреварување е приоритет за повеќе екипи од најсилните лиги. Меѓу нив е и Евертон, којшто со гостинскиот успех против Волфсбург од 2-0 со головите на Лукаку и на Миралас обезбеди прво место во групата Х. Ако сака да му се придружи, германскиот тим не ќе смее да загуби од Лил во последното коло.
Пријатна беше вечерта за италијанските екипи. Со ремито 0-0 против Спарта во Прага, Наполи сигурно ќе ја преброди групата И, во којашто чешкиот тим со Јанг Бојс директно ќе решава за вториот патник.
Иако губеше, а Днипро не искористи и пенал на „Сан Сиро“, Интер славеше над украинскиот тим со 2-1. Кузмановиќ и Освалдо беа стрелци во првиот европски настап по враќањето на стариот тренер Манчини. „Нероаѕурите“ го обедбедија првото место во групата Ф, а шанси за второто имаат и Днипро и Карабах и Сент Етјен.
Динамо Киев го совлада Рио Аве со 2-0 и изби на чело во групата Ј, Селтик и со поразот од 3-1 дома од лидерот Салцбург е втор во групата Д, додека Трабзон го победи Металист со истиот резултат и ја мина групата Л.
Претходно, 1/16-финалисти на Лига Европа први станаа Салцбург, Фиорентина, Легија и Динамо Москва.
